ВИДЕО: Пакистан изврши одмазнички напади врз цели во Иран, убиени седум лица

Пакистан изврши одмазнички напади на повеќе локации на територијата на Иран, како одговор на нападите на Техеран пред два дена насочени кон позиции во Пакистан кои ѝ припаѓаат, како што се наведува, на сунитска милитантна група, јавуваат светските медиуми.

Станува збор за нов инцидент кој доаѓа по порастот на тензиите меѓу двете соседни земји. Според извештаите, повеќе експлозии одекнале рано утрово во југозападната иранска провинција Систан и Белуџистан, во близина на градот Сараван, соопштил заменик-гувернерот на покраината.

Како што објави Ројтерс, повикувајќи се на претставник на локалните власти, најмалку три жени и четири деца се убиени во пакистанските одмазнички напади. Функционерот додал дека жените и децата не биле ирански државјани.

Властите во Исламабад претходно ги осудија како нелегитимни нападите од страна на Иран извршени во вторникот, предупупредувајќи го Техеран на „сериозни последици“. Пакистан, во меѓувреме интервернираше и во дипломатските односи со Иран, отповикувајќи го својот амбасадор во Техеран, а го протера и иранскиот пратеник во Исламабад.

„Пакистан презеде низа високо координирани и конкретно насочени прецизни воени напади против терористичките засолништа во провинцијата Систан и Белуџистан во Иран. Голем број терористи се убиени за време на операцијата со кодно име ‘Мар Бар Сармачар’“ соопштиле утрово од пакистанското Министерство за надворешни работи, пренесува британски „Гардијан“.

Инаку, нападите со проектили и беспилотни летала од страна на Иран беа одговор на самоубиствениот бомбашки напад извршен од авганистанскиот огранокот на Исламска држава, а во кој загинаа 85 лица во југоисточниот ирански град Керман на 3 јануари. Техеран, исто така, изврши напади и врз цели во Сирија, Ирак и Курдистан.

Иран долго време го обвинува Пакистан дека им дозволува на сепаратистичките терористи да се кријат во пограничниот регион Балуџистан, кој беше цел на нападите.

Одлуката на Пакистан да одговори со одмазднички напади предизвикува загриженост за понатамошна ескалација на тензиите и насилството што се шират низ Блискиот Исток и Азија по нападите на 7 октомври од Хамас и израелското бомбардирање на Газа.

Инаку, Балуџистан е регион кој се протега низ Пакистан, Авганистан и Иран.

Тој е дом на народот Балуџи, кој не сака да биде под управа ниту на Исламабад, ниту на Техеран, поради што пограничниот регион со децении е место на бунтови. Инаку, областа е богата со природни ресурси, но сепаратистичките групи велат дека нивниот народ, које е еден од најсиромашните во регионот, има мала корист од тие ресурси, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сепартистичката милитантна група Џаиш ал-Адл или Армијата на правдата, која беше цел на иранските напади во вторникот (16 јануари), дејствува од двете страни на границата меѓу Пакистан и Иран. Нејзината декларирана цел е независност на иранската провинција Систан и Белуџистан.

Групата вчера, ден по иранските напади, ја презеде одговорноста за нападот врз возило на корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) во провинцијата, а во кој загина еден полковник на гардата.

Инаку, нападите на Техеран врз Пакистан следеа по претходното лансирање на балистички ракети врз Сирија и Ирак. Иранците тврдат дека цел биле шпионската база на израелската разузнавачка агенција Мосад во Ербил во северен Ирак и „антииранските терористички групи“ во Сирија.

Техеран тврди дека не сака да се вклучи во поширок конфликт, но групите во таканаречената оска на отпорот, која ги вклучува хутите во Јемен, Хезболах во Либан и различни групи во Сирија и Ирак, кои ја имаат поддршката на Иран, вршат напади врз Израел и неговите сојузници за да покажат солидарност со Палестинците.

САД и Велика Британија започнаа со воздушни напади врз хутите откако тие извршија повеќе напади на комерцијални бродови во Црвеното Море.

Back to top button
Close