(ВИДЕО) Поповиќ: 5 дена се криела вистината за труењето во Гостивар – институциите дозволија епидемијата да ескалира

„Состојбата со труењето на граѓаните во Гостивар е алармантна. Над 2.000 граѓани веќе побарале лекарска помош поради симптоми поврзани со загадена вода за пиење. Институциите задоцнија со реакцијата. Епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувна преку ноќ. Таа се развиваше со денови пред очите на надлежните институции, кои наместо навремена реакција, дозволија ситуацијата да ескалира до размери на сериозна здравствена криза“ рече денеска на прес-конференција Наташа Поповиќ – член на извршниот одбор на СДСМ.

Таа вели дека „Според досегашните информации, институциите уште во раната фаза имале сознанија и сериозни сомнежи дека водата не е безбедна, како и дека бројот на заболени невообичаено расте. Дополнително, надзорот утврдил дека во главниот цевковод била поставена диво градена пумпа, без никакво одобрение, преку која директно се вбризгувала вода од реката Вардар во водоводниот систем“.

„И покрај овие алармантни сознанија, епидемијата беше прогласена дури кога амбулантите и болниците беа преполни, а бројот на заболени достигна речиси две илјади. Особено загрижува што министерот за здравство, Сашо Клековски, наместо веднаш да ја информира јавноста и да ги активира сите механизми за заштита, пет дена ја криел информацијата за масовното труење во Гостивар. Со тоа свесно било одложено прогласувањето на епидемија, иако СДСМ уште од првите сигнали, согласно препораките на стручната јавност, бараше тоа веднаш да се направи. Прогласувањето на епидемија не е административна формалност. Тоа значи активирање на конкретни механизми за заштита: засилена координација меѓу институциите, итна епидемиолошка истрага, засилен надзор, дополнителни ресурси и навремени мерки за спречување на понатамошно ширење на заразата“ рече Поповиќ.

Вели „Наместо тоа, институциите молчеле. Наместо брза реакција, следуваа празни изјави од типот „наскоро ќе има информации“, „за неколку дена ќе биде познато“ и „јавноста ќе дознае наскоро“, а потоа сите се преправаа дека се изненадени од размерите на катастрофата. Ова е сериозен институционален и политички неуспех“

Back to top button
Close