(ВИДЕО) Протести во Белград, Сараево и Подгорица за поддршка на палестинскиот народ
Во Белград, Сараево и Подгорица вчера засебно се одржаа протести за поддршка на Палестинците во Појасот Газа.
Skup podrške Palestini u Beogradu. pic.twitter.com/Y7fqS7dRkW
— Vijesti.ba (@Vijesti_ba) November 12, 2023
„Ослободете ја Газа“, „Израел е терористот“, „Слободна Палестина“, Кој е убиецот на децата? Израел! – беа само дел од транспарентите и скандирањата на демонстрантите во трите града кои вчера излегоа на протестите за поддршка на палестинскиот народ.
„Што направија? Зошто убиваат? Ако сакаш да војуваш со некого, оди напред, војувај, но овие невини луѓе само гинат за ништо“ изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ), Мухамед ел Хави, Палестинец кој живее во Белград речиси 30 години.
На протестниот марш во Сараево неколку стотици граѓани порачаа дека се со палестинскиот народ врз кого, како што посочија, се врши геноцид пред очите на целиот свет.
На протестот, како што јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, можеле да се видат транспаренти на кои пишува „Сараево страда поради страдањата на луѓето во Газа“, но и оние на кои се прикажани премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, и американскиот претседател Џо Бајден, со натпис „криминалци“.
Ова е трет протестен собир во БиХ кој се одржува за поддршка на Палестинците.
Освен во Белград и во Сараево, протест во знак на поддршка за палестинскиот народ вчера се одржа и Подгорица. Заедно со барањето за „запирање на геноцидот“, учесниците на протестот побараа од Владата на Црна Гора да воведе санкции кон Израел и да го осуди „геноцидот врз Палестинците“.
За в сабота, 18 ноември, протест за поддршка на Палестинците е најавен и во Скопје. Протестот е во организација на Социјалниот центар Дуња, а според најавите, ќе се одржи пред зградата на Владата во 5 до 12 часот.