(Видео) Рекордна заплена во Австралија: Во подземни бункери откриени 2,7 тони кокаин
Австралиската полиција ја спроведе најголемата заплена на кокаин во историјата на земјата, откако во систем на подземни бункери во западен Сиднеј беа пронајдени 2,7 тони од оваа дрога, соопштија властите.
A burnt out truck near Mackay has led police to the biggest cocaine bust in Australian history. Almost three tonnes was seized in Sydney, worth close to $1bn. pic.twitter.com/x9zK6SOUBi
— 7NEWS Queensland (@7NewsBrisbane) June 22, 2026
Кокаинот, чија улична вредност се проценува на 816 милиони австралиски долари, односно околу 500 милиони евра, бил откриен во петокот на имот во населбата Лондондери, во западниот дел на Сиднеј.
Според полицијата, дрогата била скриена во специјално изработени прегради под лажни подови во три бродски контејнери. На местото биле уапсени двајца мажи на возраст од 21 и 25 години, кои, според наводите, се обиделе да побегнат при апсењето.
Тие се обвинети за поседување комерцијална количина нелегално увезена дрога, а доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува доживотна затворска казна.
Рацијата во Лондондери е дел од пошироката операција „Минџијанг“, која започнала во мај годинава, откако во близина на пристаништето кај местото Миџ Поинт, во северниот дел на Квинсленд, биле пронајдени 40 килограми кокаин што пловеле во морето.
Во рамки на истрагата, минатата недела биле уапсени и обвинети уште шест лица во Квинсленд и Нов Јужен Велс. Истовремено, на Соломонските Острови е задржан и брод за кој се сомнева дека бил користен како таканаречен „матичен брод“ во операцијата за шверц на дрога.
И покрај географската оддалеченост, Австралија важи за едно од најпрофитабилните пазари за трговија со дрога. Според податоците на Универзитетот во Нов Јужен Велс, цената на еден грам кокаин во Австралија достигнува околу 300 австралиски долари.
Командантот на Австралиската федерална полиција, Стивен Џеј, изјави дека случајот покажува колку се организирани и решителни криминалните мрежи.
„Истрагата за потеклото на дрогата продолжува, а ќе соработуваме со домашните и меѓународните партнери за да ги идентификуваме сите криминални групи и лица вклучени во овој обид за шверц“, изјави Џеј.






