(ВИДЕО) Рот: Имаме голема шанса уште во јуни да дојдеме до решение за спорот со Бугарија
Имаме голема шанса уште во јуни да дојдеме до решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, порача германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Рот вели тоа што било договорено на средбите во Берлин за време на германското претседателство било добра основа, а сега треба да биде моделирано од португалското претседателство и останува оптимист дека ќе се успее.
„Сега имаме голема шанса уште во јуни да дојдеме до решение кое од сите засегнати страни може да биде прифатено. Вие имате такво барање и португалското претседателство со Советот активно работи за такво решение, а ние во сојузната влада во Берлин го поддржуваме тоа онаму каде што можеме. Се надевам дека ќе го имате неопходното трпение бидејќи важни се и реформите, тоа е мојата порака до владата овде“, рече Рот.
Ако сега не испорачаме, рече тој, тогаш довербата во ЕУ ќе биде изгубена. Затоа, побара тој, неговата посета на Скопје да се разбере како знак на солидарност и признание и знак за почит.
„Ние за време на германското претседателство се обидовме да постигнеме голем напредок бидејќи вие, драги Македонци, тоа го заслуживте, вашата земја постигна голем напредок. Се охрабривте да решите голем историски спор со тоа што го променивме името на вашата земја и оттука е легитимно да очекувате дека ние од страна на ЕУ, да ги исполниме нашите ветувања. Сакам да ви ветам дека не само Германија, туку дека и партнерите во ЕУ, исто како и претходно се за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан“, рече Рот.
На прашањето што се сменило за сега да биде голем оптимист дека ќе има решение тој рече дека сега на сите им е јасно дека се потребни веродостојни успеси за Западен Балкан.
„Што се променило? Мислам дека на сите ни е јасно дека потребни ни се веродостојни успеси на Западен Балкан, не затоа што е во ваш интерес туку и во наш интерес е да има стабилност, регионално помирување, безбедност, демократија. Тоа е од исклучително значење за ЕУ, не само за Германија“, рече Рот.
Тој уште еднаш порача дека ЕУ нема проблем со Северна Македонија туку дека станува збор за билатерален проблем кој мора да го решат двете земји.
Рот испрати и порака дека неопходно е да се продолжи со реформите за владеење на правото, со борбата против криминалот и корупцијата, непотизмот …
Исто така, германскиот министер се обрати и до опозицијата со порака дека кавгата е дел од динамичната демократија, но во ова динамично време потребен и компромис и консензус помеѓу Владата и опозицијата./360 Степени