(ВИДЕО) СДСМ ќе иницира решенија за санкција на дискриминаторски навреди и говор на омраза
28.02.2025 13:57
123 Читање помалку од 1м
Вчерашниот ден не смее да помине само како обична политичка дебата, бидејќи навредите упатени од министерката за финансии Кочоска кон пратеничката на СДСМ Петровска, се навреди кон секоја жена, секој човек кој некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден, порача пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на днешната прес-конференција пред министерството за финансии.

Затоа како што рече Тренчевска, покрај барањето за оставка од министерката за финасии, СДСМ ќе понуди решенија за осуда на говорот на омраза и дискриминација во инсттуциите.
„Ќе побараме итна седница на Комисијата за дискриминација, каде ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и поширокиот проблем на дискриминација врз основа на пол во институциите. Ќе иницираме законски измени или кодекс кој ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено кога доаѓаат од високи функционери. Ова не е политичка пресметка. Ова не е само за Славјанка. Ова е борба за вредности. Ова е порака дека нема да дозволиме омаловажувањето да стане новото нормално со ВМРО-ДПМНЕ на власт”, рече Тренчевска.
На прес- конференцијата Тренчевска посочи дека секоја жена заслужува почит и подобар живот, а не навреди и дискриминација.
„Граѓаните на оваа држава заслужуваат подобро. Жените на оваа држава заслужуваат подобро. Секој човек заслужува подобро. Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас”, нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.