(ВИДЕО) Синот на Муса Џафери го нападнал претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Доцна синоќа во Скопје физички е нападнат претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Причина за нападот е постапката за одземање на лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја.

   

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот доцна вечерта.

Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколку минутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.

Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.

Полицијата брзо пристигнала на местото на настанот, но не успеала да го пронајде напаѓачот.

Од видеото од настанот снимено од очевидци може да се види како Џафери го влече Бислимоски и се обидува да ја продолжи физичката пресметка со него. 

Портпарол на Регулаторната комисија го потврди инцидентот за ДВ и вели дека претседателот на РКЕ Бислимоски нема посериозни повреди и се чувствува добро. Откако дал изјава во полиција, рано утрото во вторник Бислимоски бил и на прегледи во болница.
Полицијата против Џафери ќе поднесе пријава за кривично дело насилство, а за случајот е известен и јавен обвинител.

Аларм од МЕПСО 

Причината за нападот врз Бислимоски е одлуката на Регулаторната комисија од 23 септември годинава да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на синот на Муса Џафери. Врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит, од РКЕ одлучиле да поведат постапка против компанијата.

Од РКЕ велат дека нападот врз Бислимоски нема да смени ништо во начинот на кој постапува Комисијата. „РКЕ нема да отстапи од спроведувањето на Законот и ќе продолжи со соодветните постапки“, велат оттаму.

извор: ДВ

Back to top button
Close