ВИДЕО: Со јајца и камења фрлаат кон полицијата, белгиските земјоделци со трактори го блокираа Брисел

Белгиските земјоделци со повеќе од 100 трактори од утрово ги блокираат приодите до Брисел, а воедно и ги пробиваат барикадите кои ги поставува полицијата, пренесува агенцијата Асошиејтед прес. Тракторите украсени со знамиња и транспаренти наредени во колони го блокирале и градскиот сообраќај. Во градот се слушаат сирени и активирани се неколку димни бомби. Во европскиот кварт и на влезните патишта се распоредени неколку стотици полицајци.

Демонстрантите запалиле гуми, фрлале со јајца и камења кон полицијата, а нејзините екипи потоа употребиле водни топови за да ги растури оние што протестираат.

Незадоволните земјоделци лути на бирократијата и конкуренцијата од евтиниот увоз го опколиле седиштето на Европскиот совет, каде што министрите за земјоделство на земјите членки на ЕУ треба да разговараат за нивните барања, поврзани со ниските цени на нивните производи во супермаркетите, увозот на евтини производи, прописи за заштита на животната средина, како и договорите за слободна трговија.

На видеата објавени на социјалната мрежа Икс од местото на настанот може да се види како земјоделците ги пробиваат полициските блокади, но и како поминуваат низ водените топови.

 

Како што пренесува Асошиејтед прес, фармерите фрлиле приколка полна со гуми на неколку стотини метри од зградата на Европскиот совет, а полицијата веднаш интервенирала и донела водени топови.

Земјоделците ги повикаа министрите да бидат разумни со нив, да дојдат со нив на еден ден, да работат на терен и да видат дека воопшто не е лесно.

Земјоделство. Како дете сонуваш за тоа, како возрасен умираш од тоа“,рече еден од земјоделците кои протестираат.

Пред неполн месец вакви слични протести преминаа во насилни бидејќи земјоделците запалија бали со сено и фрлаа јајца и петарди кон полицијата во близина на самитот на лидерите на ЕУ.

Здруженијата на земјоделци од Белгија, Германија, Холандија и Франција ги поканиле своите членови да учествуваат на денешниот протест.

Изминатиот викенд францускиот претседател Емануел Макрон беше пречекан со свирежи на Парискиот земјоделски саем. Земјоделците тврдат дека тој не прави доволно за да ги поддржи.

Дејвид Кларинвал, белгискиот министер за земјоделство, рече дека ги слушнале нивните барања и ги повика да се воздржат од насилство.

„Можеме да разбереме дека некои се во тешки околности, но агресијата никогаш не била извор за решенија“рекол тој.

Шпанија, Холандија и Бугарија беа погодени од протести во последните недели.

Инаку, изминатиот период протести на земјоделците се случуваат и во други градови низ Европа.

Back to top button
Close