(Видео) Театар во Собрание: Пратеници се бркаа за микрофонот, Џафери бараше обезбедување

Собранискиот спикер Талат Џафери повика обезбедување поради однесувањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. До ова дојде откако Мицевски отиде на местото каде што седи пратеничката Даниела Марковска од СДСМ и ѝ говореше на уво, поради тоа што Талат Џафери не му даде процедурално обраќање.

За тоа време, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тропаа на клупите. За да не ѝ го земе микрофонот, пратеничката Марковска со него шеташе низ салата. Мицевски сметаше дека Џафери мора да му даде процедурално обраќање бидејќи тоа право му следува по Деловникот, а не да го игнорира, а збор да добиваат други пратеници

„Никола Мицевски, тргни се од таму“, рече Џафери додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тропаа по масите, а собранискиот спикер продолжи: „Никола Мицевски тргни се од таму, не ти е таму местото. Даниела продолжи со зборување“.

Пратеничката Даниела Марковска продолжи да говори: „Почитуван колега Пренџов“, по што, Мицевски повторно почна да ѝ говори на уво, а таа прекина. Пратеничката Марковска се обиде да се оттргне од него и стана од местото каде што седи во салата, но тој одеше по неа.

„Обезбедување, обезбедување, тргнете го координаторот од туѓо место, не му е место таму“, рече Џафери.

Во тој моментот на седницата се дискутираше за стратегијата на Антикорупциската комисија. По ова, претседателот Талат Џафери даде пауза, согласно ковид-протоколите.

Back to top button
Close