(ВИДЕО) Тренчевска: Сите пратеници да го поддржат законот на СДСМ за покачување на платите до 15.000 денари
„Животниот стандард на граѓаните е на дното. Цените растат, а платите тапкаат во место. Власта одбива да ги покачи платите и работниците ги држи со најниски плати во регионот. Потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, за 100 евра е зголемена во споредба со лани. Две минимални плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство. И наместо покачување на платите, покачување на минималната плата и грижа за стандардот на народот, власта ги турка погрешните политики на ДПМНЕ. За прв пат, минималната плата е договорена без социјален дијалог, без учество на синдикатите“ рече денеска на прес-конференција во Собранието пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска.
Според неа, „власта не го почитува ниту општиот Колективен договор – не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5%. Додека народот се дави во сметки и трошоци, ДПМНЕ троши за папаја, манго, рејтинзи и медиумски мониторинг. За само девет месеци, оваа влада покажа што ѝ е важно – неработниците, туку бизнис интересите и личниот Пи-Ар“.
„На денешната собраниска седница е Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ. Со оваа мерка: Платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел, 400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања“ порача Тренчевска.
Ги повика „сите пратеници кои се на страната на граѓаните, на страната на работниците, да гласаат и да го поддржат ова законско решение!