(ВИДЕО) Зеленски од својот кабинет: Тука сум, не се кријам и не се плашам од никого
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа објави ново видео на социјалните мрежи со кое, како што вели, сака да демантира шпекулациите дека ја напуштил Украина.
На видеото што го снима со телефон тој ги прикажува претседателскиот кабинет во Киев и атмосферата надвор од прозорецот.
„Останувам во Киев. На улица ‘Банкова’. Не се кријам. И не се плашам од никого. Останувам колку што е потребно за да победиме во оваа наша патриотска војна – вели тој во видеото.
Тој вели дека Русите ја потцениле решителноста на украинскиот народ и оти нема да се откаже од преговорите и покрај малиот видлив напредок во последната рунда разговори одржана вчера. Зеленски ветува дека сè што уништија Русите во Украина ќе биде обновено и подобро од кој било град во Русија.
„Денеска веќе ја имавме третата рунда преговори во Белорусија. Би сакале да кажеме „трета и последна“, но ние сме реалисти. Затоа ќе продолжиме да разговараме и да инсистираме на преговори додека не најдеме начин да им кажеме на нашите луѓе – вака ќе постигнеме мир. Мир за украинскиот народ – рече тој.