„ВИК“ доби државна помош за втор инвестициски циклус во ТИРЗ Прилеп (ДПЛ)

Компанијата „ВИК (WIK) Македонија“ денеска доби државна поддршка за вториот инвестициски проект на компанијата во технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Прилеп во вредност од 2,5 милиони евра во кој се предвидува да се вработат нови 100 лица.

Договорот за државна помош го потпишаа вицепремиерот за економски прашања, координација со економски ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и генералниот менаџер на компанијата, Вернер Шоеб.

-Оваа активност на ВИК е препознавање на позитивната и стабилна клима за инвестирање во нашата земја, членството во НАТО, патот кон отворање на преговори за членство во ЕУ. Но, и нашиот отворен и инклузивен пристап кон креирање позитивна бизнис клима придонесоа кон одлуката на компанијата да се одлучи на овој чекор, рече Битиќи по потпишувањето на договориот и додаде дека креирањето и унапредувањето на бизнис климата, создавање услови за побрз развој и одржливост на економијата ќе бидат во фокусот на условите за побрз развој и одржливост на економијата и во наредниот период.

Со инклузивност и преку конструктивен дијалог со сите стопански комори, синдикати, академската заедница и граѓанскиот сектор, посочи, ќе работиме на тоа да стимулираме нови инвестиции и на домашните и на странските компании и да се отворат нови подобро платени работни места за нашите граѓани.

-Компанијата ВИК е дел од проектот за дуално образование кое во моментов се спроведува во седум градови во соработка со 16 компании. Токму ВИК е една од компаниите која во средното училиште „Ристе Ристески Ричко“ од Прилеп отвори посебна паралелка за техничар за машинско производство – струка која според анкетите за работна сила е една од најбараните. Во истото тоа училиште паралелки имаат отворено и други две компании, ГЕНТЕР и ВИТАМИНКА, а наша интенција како Влада е во наредните години ќе биде реформирање на образовниот систем и имплементирање на дуалното образование насекаде во земјата за да се создадат млади обучени и остручени професионални кадри кои по завршувањето на образованието, а и за време на истото ќе може да се вклучат во пазарот на трудот, истакна Битиќи.

Сакам, посочи, да ги повикам сите компании независно дали се странски или домашни да се охрабрат и да инвестираат и во услови на пандемија. -Да инвестираат во дигитализација, во нови технолошки процеси, да иновираат производи и услуги. На тој начин ќе станат поконкурентни и на домашниот, а што е уште поважно на меѓународните пазари, рече Битиќи.

Во одговор на прашање посочи дека тоа што сега се случува со странските инвестиции е само продлжување на она што сме го правеле во претходните три години и, како што нагласи, е доказ дека за нас и во најтешките моменти е битно да сме сервис на тие на кои им е потребна нашата услуга, односно било која странска или домашна компанија која има потреба од наша поддршка.

-Покажуваме дека нема да има никакава пречка без разлика што е сменета Владата за секој што е подтготвен за инвестирање во нашата земја и дека веднаш ги решаваме сите проблеми со кои може да се соочат. Две инвестиции беа одбрени на Влада, денеска имаме чест да ја потпишеме првата, а втората која е гереманска инвестиција ќе ја потпишеме веднаш кога ќе биде спремна другата страна. Во завршна фаза сме за уште четри инвестиции и се надевам дека наскоро ќе ја донесат нивната конечна одлука, рече Битиќи.

Најмногу инвестиции во земјава, како што кажа, има од Германија, Британија и Грција.

Договорот за државна помош, како што рече го потпишува како вицепремиер, бидејќи со одлука на седница на Влада целото портфолио на министрите без ресор за странски инвестиции го презема Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции. -Таква ќе биде целата понатамошна пракса, рече Битиќи.

Генералниот менаџер на компанијата, Шоеб истакна дека во последната година и пол биле мошне успешни во производниот процес и испорачале на пазарите завршен производ.

-Имавме испорака и квалитет коишто беа екстремно добри. И покрај КОВИД -19 кризата успеавме да инвестираме во Македонија, да го зголемиме капацитетот и да можеме да имаме понатамошно производство на нови производи коишто ќе се произведуваат во Македонија. Ова е всушност нашата главна цел да одиме понатаму, да се насочуваме кон европските маркети и кон европски произведени производи, потенцира Шоеб.

Немавме само релокација на производите од производните погони во Кина во Македонија, додаде, туку изградивме извори на набавка.

– Имаме цел во оваа насока не само да имаме производство на кафемати, туку и на други мали производи за домаќинството, машини за домаќинството за различни компании. Сакаме да ја зголемиме содржината на локални набавувачи. Имаме голем капацитет во Прилеп во нашата постројка и се надевам дека мошне наскоро ќе се прошириме уште повеќе не само со производите коишто ги произведуваме, туку и со развојните активности за коишто соработуваме со нашиот штаб во Германија. Се надеваме дека ќе продолжиме со нашата соработка и понатаму, рече Шоеб.

Компанијата „ВИК Македонија“, која работи во ТИРЗ Прилеп, е германска семејна компанија основана во 50-тите години од минатиот век, која произведува мали електрични уреди наменети за домаќинствата. Во 2018 година со оваа компанија беше потпишан првиот договор за државна помош. Во ТИРЗ Прилеп веќе имаат реализирано инвестиција до 10,5 милиони евра во која во моментов работат 250 лица.

Back to top button
Close