Википедија – диносаурусот на некомерцијалниот интернет, одбележува 20-годишнина
Енциклопедијата на уредувачи аматери е седмата најпосетувана страница во светот. Содржината на секоја страница е независна. Нагласката е врз оригиналните текстови, засноваи на научни сознанија и факти.
Наспроти традиционалните енциклопедии напишани од реномирани стручњаци, оваа платформа на знаење, составена претежно од аматери – често и анонимни, наиде на големи критики и непријателски тон во некои академски кругови.
– Кога поподробно ќе размислиме на кој начин се следи Википедија, како се додаваат написи и како се разменуваат податоците, сепак можеме да утврдиме дека постои одредено ниво на безбедност и тоа е важно, рече Лионел Барбе од Универзитетот во Париз-Нантер.
Се разбира, тука е проблемот со разновидноста на изворите и темите, и тоа е најзабележително кога станува збор за теми поврзани со земјите во развој. Повеќето автори на Википедија се од западни земји и САД. Реми Матис, автор на „Википедија: Зад сцената на најголемата светска енциклопедија“, објаснува дека енциклопедијата привлекува урбани, високо образовани луѓе
– Дури 80 отсто, ако не и повеќе, од написите на Википедија се напишани од белци, смета Мари-Ноел Дутре од Универзитетот Лион.
Покрај тоа, има несразмерно повеќе биографии за мажи… И покрај се, Лионел Барбе верува дека во времето на надмоќта на ГАФАМ, интернет-енциклопедијата е редок пример на преживеани во доброволната утопија на слободарската мрежа, замислена како „децентрализирана мрежа за споделување на знаењето“.
– Википедија е, сепак, најголемото дигитално добро што ни го даде интернетот, истакнува Барбе.
Џими Вејлс истакнува дека тие не отстапуваат од својата мисија. Нивната цел не е да си ги зголемат приходите. Википедија се уште се финансира од донации, а не од реклами. Мари-Ноеле Дутре смета дека опстанокот на Википедија, како непрофитно добро, е од голем интерес за претежно комерцијалниот интернет.
– Гугл ја промовира видливоста на Википедија, но за возврат ги користи нејзините статии во своите пребарувачи, па така бележи значаен промет – преку енциклопедијата, за себе, објаснува Дутре.
Некои сметаат дека умереноста на Википедија е инспирација кога станува збор за проблемот со масовно ширење лажни вести на социјалните мрежи.
– Сепак, не смееме да веруваме дека Википедија е тоа што ќе не спаси од сопствените демони. Таа останува алатка. Ако сакаме заговори, се сомневам дека Википедија може да не одвлече од тоа, објаснува Барбе.
Токму затоа Википедија се соочува со два големи предизвици: да продолжи да ја поттикнува работата на енциклопедистите и да ги усовршува сопствените содржини и внатрешните бази на податоци на доброволна основа. И се, „во контекст на силниот раст на колективната имагинација“, како што вели Барбе.