Висока владина делегација на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, пораки  за значењето на борбата против фашизмот  и потребата од обединета Европа кон која припаѓа и македонската држава  

Делегација на Владата предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски, придружуван од министрите за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и за правда, Игор Филков, денеска положи венец со свежо цвеќе на спомен обележјето на Партизанските гробишта во Бутел во Скопје, по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

На спомен обележјето венци со свежо цвеќе положија и делегации на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, од Собранието  на Република Северна Македонија, од Кабинетот на Претседателката и врховен командант на Армијата, од Армијата, како и делегации од амбасадите на Австрија, Франција и Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија, Украина и други организации и здруженија.

Во рамки на денешното одбележување министерот Мисајловски се обрати пред присутните при што ја истакна пожртвуваноста на борците за слободна и независна Македонија. „Тоа се херои кои следејќи ги идеалите на нашите илинденци за слободна Македонија, за достоинство и иднина без тиранија, го положија својот живот за оваа највозвишена цел. Нивната жртва не е само запишана во историските книги — таа е дел од нашиот идентитет. Ова место за нас е ништо помалку од свето место зашто тука оддаваме почит на оние кои помогнаа да се стави крај на ужасите од Втората светска војна”, рече Мисајловски и додаде дека слободата, правдата, вистината и човековите права не се подарок — тие се и избор и борба.

Министерот Мисајловски по повод денешното одбележување и на Денот на Европа нагласи дека во ова време кога сите земји во Европа прават сè за мирот и безбедноста да биде реалност на целиот континент, Европа мора да биде силна, единствена, како и во самиот зачеток на европската идејата за заедно, храбро да застанеме против сите закани.

Во тој контекст додаде дека македонските граѓани не бараат скратени патишта, протекционизам за членство, туку бараат фер пристап и можност. „Бараме она што е впишано во суштината на Европската Унија да биде единственото мерило за нашата подготвеност да бидеме дел од ова големо семејство. Бараме нашите реформи и нашата непоколеблива верба во европската идеја да бидат препознаени — зашто ние сме Европејци, во нашата посветеност кон правдината, во нашите вредности, во нашиот дух”, потенцира министерот Мисајловски.

На денешниот настан свое обраќање имаше и заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски кој истакна: „Со големо достоинство, длабока и искрена благодарност им се поклонуваме на македонските борци и партизани кои го положија сопствениот живот за освојување на слободата која македонскиот народ и сите народности од овие простори со векови ја посакувале.

Тие се темелот на нашата држава и нашето достоинство и постоење како народ, свесен за својата големина, затоа што Македонците со својата чест, правдољубивост и слободарство во најцрниот период од своето постоење застанаа на вистинската страна заедно со сојузниците и со сите напредни народи спротивставувајќи се на фашистичкиот окупатор.

9ти Мај е круната на македонската идеја за сопствена држава, денот во кој се остварија сите надежи да бидеме свои на своето, слободни и независни.

Овој победнички ден претставува заокружување на страдањата и жртвите од Илинденската епопеја и сите борби кои во својата историја македонскиот народ ги водел.

Овој ден претставува остварување на нашата идеја за самостојна Македонија. Тоа е идејата која била главниот мотив за сите македонски учесници во воениот виор, идејата која ги крепела низ сите искушенија, предизвици и битки.”

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани во своето обраќање потенцира: „9. Мај не е само уште еден датум во календарот. Тоа е ден кога човештвото одлучи да не се помири со мракот. Ден кога жртвата на милиони луѓе ја осветли патеката кон еден нов почеток. И ние, како држава, бевме дел од таа борба. Нашата земја даде свои животи, свои приказни, свои херои. Затоа денес стоиме токму овде, но не пред обични споменици, туку пред сведоштво на историја што ја обликуваше суштината на она што денес го нарекуваме слобода.

Овде, на ова место на тишина и достоинство, се потсетуваме не само на минатото, туку и на вредностите кои и денес нè обединуваат. 9 Мај е ден на длабока симболика: победата над фашизмот, но и раѓањето на идејата за обединета и мирна Европа.

Како Министер за европски прашања, сакам да порачам: нашата европска иднина не е декларација, таа е одлука. Таа е избор за сојуз што нѐ обединува околу мирот, слободата и правдата. Европа не е само географски, таа е морален простор, создаден токму поради жртвите како што се хероите на кои денес им положуваме цвеќе”.

Back to top button
Close