Владата донесе уредби за поддршка на ученици и студенти за дигитални вештини, за сместување и студирање

– Владата на вечерашната седница даде согласност  ваучери за средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи во максимален износ до 3.000 денари да можат да се искористат за купување училишен прибор.

Како што стои во соопштението од владината прес-служба, за оваа намена Владата донесе Уредба со законска сила за доделување на средства на ученици запишани во јавните средни училишта за купување на училишен прибор, а кои се од семејства со ниски приходи за време на вонредна состојба.

Донесена е и Уредбата со законска сила за издавање ваучери на млади лица за стекнување со информатичко-технолошки и дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на труд за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите, начинот и постапката за издавање и користење на ваучери со номинална вредност до 30.000 денари, издаден од Министерството за образование и наука, на млади лица за обуки за дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот, погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.

Средствата за спроведување на оваа уредба се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија преку Програмата на Министерството за образование и наука П1-Мерки за справување со КОВИД-19 кризата, во вкупен износ од 150.000.000,00 денари.

На денешната седница е донесена и Уредба со законска сила за плаќање на дел од партиципацијата во трошоците за студирање за студенти запишани првпат на прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во Република Северна Македонија, партиципација за сместување во студентски дом и партиципација на трошоците за приватно сместување на студенти чие образование се финансира од буџетот на Република Северна Македонија, а се од семејства со ниски приходи за време на вонредна состојба.

Студентите, како што се наведува, опфатени со оваа уредба можат да искористи само една од партиципациите за трошоците за студирање за студентите која е еднократна и изнесува до 6.000 денари, еднократната партиципација на трошоците за сместување во студентски дом до 6.000 денари, или партиципацијата на трошоците за приватно сместување за студентите од член, која, исто така е еднократна и изнесува до 6.000 денари.

Back to top button
Close