Проф. Бауш: Со овие владини институции, администрација, нашата економија не може да генерира повеќе од 4% економски раст

Дали може ние да сервисираме долгови? Да. Колку и да земеме ќе сервисираме, но тие задолжувања не коштаат. Во пазарот на пари, на тој капитал, секогаш ќе зависат од тој кредитен рејтинг кој имаме ние, како и цената на чинење кој треба да го платиме за да ги земеме тие средства. Но друго прашање е дали ние имаме стратегија да ги вратиме тие средства, и дали таа стратегија ќе ја користиме за некоја економско додадена вредност за што се задолжуваме“, смета универзитетскиот професор Абил Бауш, говорејќи за новите задолжувања од 260 милиони евра и дали имаме капацитет да ги сервисираме на ваков начин долговите.
Бауш вели дека треба да се направи дистинкција.
„Не сме високо задолжена држава. Има и други држави кои се повеќе задолжени во однос на нивното БДП. САД, Јапонија се многу повеќе задолжени, но тие ги сервисираат и ги враќаат долговите. Во една анализа која ја направивме на нашиот Универзитет, дојдовме до заклучок дека во овие држави коишто се високо задолжени, влијанието на јавниот долг кон граѓанинот не е големо, за разлика од кај нас, коишто иако не сме ризично високо задолжена држава, сепак нашиот долг влијае многу врз стандардот на животот на граѓаните.
-Тука е тој дел дека треба да почнеме да креираме политики на коишто тој долг што го земаме, прво да креира економско-додадена вредност, вредност во самата економија, а понатаму самиот да се сервисира и да се враќа во етапи. Ризикот кај нас е што сервисираме стари долгови, но другиот ризик е што се задолжуваме за дневни, односно квартални, за пензии, за плати во администрацијата“, вели Бауш.
Околу фискалната стратегија 2027-2031 што предвидува фокус стабилни јавни финансии, економски раст и намалување на сивата економија, професорот вели дека тоа е веќе слушнато.
„Уште кога студиравме ние слушавме како таа сива економија да ја претвориме во нормална, реална економија. По некои статистики 38% од БДП ни е сива економија, Но ова не ме загрижува, затоа што ние тој реформски курс кој треба да го направиме, за да почнеме таа сива економија да ја легализираме, односно да ја направиме нормална економија, јас не ја гледам во стратегијата“, смета Бауш.
„Кога правиме стратегија, без разлика кој закон го носиме, јас не гледам, ниту чувствувам дека тој се интегрира со останатите закони.
-Во моментот, гледајќи го задолжувањето, односно враќањето на ДДВ-то кон компаниите, се гледа дека немаме некој голема ликвидност.
-Со оваа работна сила, со овие владини институции, администрација, нашата економија не може да генерира повеќе од 4% економски раст“, смета универзитетскиот професор Абил Бауш.
Целото интервју погледнете го во видеото.






