Владата и министерствата стагнираат, општините минимално подобрени во активната транспарентност, покажува рангирањето на ЦГК

Владата, министерствата и општините ја подобриле својата активна транспарентност за четири процентни поени во тековната 2024 година во однос на лани и од максимални 100 проценти имаат просечна активна транспарентност од 80 отсто. Ова го покажуваат податоците од рангирањето на министерствата и општините според Индексот на активна транспарентност за 2024 година што го изработува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Активна транспарентност, пред сè, како што појаснуваат од ЦГК, значи објавување на информации на сопствена иницијатива од страна на институциите без притоа до нив да е доставено барање за пристап до тие информации.

„Просечната активна транспарентност на сите 98 вклучени институции за 2024 година изнесува 80 проценти и според градацијата на нивоата, спаѓа во ’многу добра‘ активна транспарентност. Втора година по ред нема ниту една институција во најслабата група со ’многу слаба‘ активна транспарентност, односно со исполнетост на обврските за објавување од 0 до 20 проценти. Исто така, втора година по ред, повеќе од половина од институциите (57 %) се наоѓаат во најдобрата група со ’многу добра‘ активна транспарентност, односно со повеќе од 80-процентна исполнетост на обврските за објавување“ се наведува, меѓу другото во извештајот на ЦГК.

Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 71 отсто од институциите во однос на лани кога подобрување било забележано кај 54 проценти од институциите.

Владата и министерствата стагнираат во проактивно објавување информации

Во деталната анализа на активната транспарентност кај институциите, Центарот за граѓански комуникации забележува дека кај министерствата и Владата таа стагнира втора година по ред и се задржува на ниво од 86 отсто.

Од 16 министерства и Владата, кај девет има пораст на исполнетоста на обврските од активната транспарентност, кај шест има намалување, додека две имаат исти резултати како лани. Најголем пораст во активната транспарентност, од вкупно 11 процентни поени, годинава има кај Министерство за надворешни работи, а најголемо намалување, од 13 процентни поени, има кај Владата.

Најдобро рангирана и единствена владина институција со максимален број освоени бодови според индексот на активна транспарентност, четврта година по ред, е Министерството за одбрана со 100 отсто исполнетост на обврските за објавување на информации. Покрај Одбрана, во петорката владини институции со најголема активна транспарентност се Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Министерството за здравство (МЗ).

На последно место, и покрај постојаното подобрување од година во година, е Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. ЦГК забележува дека првпат годинава ова министерство излегло од групата со „просечна“ и влегло во групата со „добра“ активна транспарентност.

Општините ја подобриле активната транспарентност за пет процентни поени

И покрај тоа што министерствата и натаму објавуваат повеќе информации од општините, за што говори и процентот на активна транспарентност (86 наспроти 79 %), во извештајот на ЦГК се забележува дека тие ја подобриле својата активна транспарентност за пет процентни поени. Својата транспарентност ја подобриле 52 општини, во однос на подобрувањето кај 47 општини кое било забележано минатата календарска година.

Она што е специфично е што годинава, за првпат од 2016 година, од кога постои Индексот на активна транспарентност, пет општини (Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево) ги освоиле максималните 100 проценти, што значи дека ги објавуваат сите информации предвидени со активната транспарентност.

„Дури 46 општини (лани 36) се наоѓаат во најдобрата група на институции, онаа со ’многу добра‘ активна транспарентност, односно со исполнување на обврските за објавување јавни информации од 80 до 100 отсто. И годинава нема ниту една општина во најниската група, онаа со ’многу слаба‘ активна транспарентност“,наведуваат од ЦГК во извештајот.

Општини кои годинава ја подобриле својата активна транспарентност за повеќе од 30 процентни поени се Зелениково (за 41 поен) и Карбинци и Арачиново (за 35 поени), а најголемо влошување има кај Сопиште (12 %).

„Меѓу регионите, Источниот Регион ја задржа и дури ја подобри лидерската позиција во однос на другите региони (со 88 отсто активна транспарентност), додека Скопскиот Регион за сосем малку ја избегна последната позиција, на којашто се наоѓаше со години. На последно место е Североисточниот Регион (со 72 проценти)се додава во извештајот на ЦГК.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации се врши преку претходно утврдена методологија и прашалници за истражување на активната транспарентност кои се делат во четири групи и тоа: пристап до информации, одговорност, отчетност и интегритет, информации за надлежноста и за услугите и буџетска и финансиска транспарентност.

Back to top button
Close