Владата со дополнително известување: Полицискиот час се укинува од вечерва на полноќ

Одлуката за укинување на полицискиот час ќе стапи на сила од вечерва на полноќ, информира владината прес-служба.

Од полноќ ќе важат и систе останати одлуки кои се однесуваат на олеснувањето на мерките.

„Одлуката од денешната седница на Владата со која, почнувајќи од 16 јуни 2021 година (среда), престанува да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, стапува на сила од вечерва на полноќ“,

се вели во дополнителното соопштение на Владата.

Одлуката ќе биде објавена во Службен весник пред полноќ и со тоа сите одлуки на Владата од денешната седница стапуваат во сила во 00:00 часот.

„Се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите“, информираат од владината прес-служба.

Дозволено ќе биде да се одржуваат и настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до максимум 1 000 посетители.

„Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега. Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби“,информира владината прес-служба.

Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.

Back to top button
Close