Владејачката коалиција нема да распука под Шара

Премиерот е уверен дека коалицијата нема да падне во Тетово и Желино. Најавува окрупнување на мнозинството, а опозициски партии велат дека работат на формирање ново мнозинство.

    

 

Битката за локална, продолжува да ја таргетира централната власт. Уште пред изборите, увертира во тоа беше опозициска најава дека неуспехот на владејачките партии може да води кон предвремени парламентарни избори. Резултатите од првиот круг ѝ дадоа посилен погон на таа цел. Според објаснувањето на Зијадин Села за ДВ, постапката на промените би требало да започне прво со ново мнозинство, односно со Влада која во период од една година прво треба да ја нормализира состојбата, па потоа да се оди на избори.

По првиот изборен круг, во дел од постизборните анализи провејуваа експертски ставови дека претстојниот период (пред сѐ, поради енергетски, пандемиски и интеграциски предизвици) не е поволен за предвремени избори или рекомпонирање на власта, ниедна партија не се откажа од битка за ново мнозинство, како очекуван ДДВ од локалните избори. Премиерот Заев во гостување на ТВ „21“ синоќа се изјасни против предвремени избори, но најави окрупнување на мнозинството.

„Предвремени парламентарни избори не ѝ требаат на нашата земја, затоа што е драгоцено и неповторливо времето од две и пол години пред нас. Ние сега мораме да ги валоризираме ефектите од крупните политики. После изборите на 31-ви октомври, веројатно ќе се случи окрупнување на мнозинство“, рече Заев, без дополнителни објаснувања.

Запрашан за ставовите на претставници на ДУИ и БЕСА, кои завчера во тв-дебата изразија отвореност опозициската Алтернатива да влезе во владејачката коалиција, премиерот објасни на што се должи тоа.

„Има некои гласини, и јас како претседател на најголемата политичка партија го анализирам. Имаме едно незадоволство на потценување на Алтернатива во коалицијата Алијанса/Алтернатива. Тоа веројатно си има свои корени од парламентарните избори, а се рефлектираше во распределбата на одговорностите со кандидати и советници меѓу Алијанса/Алтернатива, и затоа се добиваат вакви пораки кои доаѓаат од Алтернатива“, истакна Заев.

Гласање по слободна определба

Но, од Алијанса за Албанците соопштија дека „нивната коалиција со Алтернативата е стабилна“ и дека работат заедно за да се создаде ново парламентарно мнозинство во многу краток период.

„И покрај манипулациите, притисоците, купувањето гласови и злоупотребите, граѓаните докажаа дека се против Владата, и сегашната власт веќе нема легитимитет да ја води земјата, ниту на локално ниту на централно ниво“, наведе Алијанса.

Во опозициски кругови се надеваат на успех во тој процес, имајќи предвид дека мнозинството ќе биде на многу тежок испит во вториот круг, во општини каде главни опоненти се владините партнери ДУИ и БЕСА. Сметаат дека од фактот на кого СДСМ ќе му ја даде поддршката, може да зависи дали ќе опстои тенкото мнозинство. Влогот за БЕСА е голем, бидејќи во изборната трка учествува лично нејзиниот лидер, Биљал Касами, но и за ДУИ, партија која преку кандидатката Теута Арифи сака да ја потврди својата неприкосновена доминација во Тетово. Истото ќе се преслика и во Желино, каде во вториот круг се влегуваат Фатмир Изаири од ДУИ (со 4.296 гласови во првиот круг) и Блерим Сејди од Движењето БЕСА (3.877).

Премиерот е уверен дека владината коалиција нема да распука во општините под Шара.

„Во Тетово и Желино нема да падне државната коалиција. Потврдува ДУИ, потврдува БЕСА, и Заев го потврдува тоа. Секој гласа слободно за да го избере најдобриот кандидат. Ние навреме сме се договориле што во такви случаи. Во такви ситуации, граѓаните сами се определуваат. На нашите членови во Тетово истото ќе им го кажеме – да гласаат по сопствена определба“, изјави премиерот.

Непредвидлив втор круг

Но, комбинациите за изборна поддршка, за кои се говори во политичките кулоари, во моментов се толку измешани, што тешко може да се предвиди каков ќе излезе есапот на крај. Аналитичарот Џелал Незири смета дека непредвидливиот втор круг од изборите ќе отвори многу можности за соработка помеѓу различни политички фактори, но и за заткулисни игри.

„Скопје и Тетово ќе бидат главните арени каде ќе се бие политичката битка во вториот круг. Овие две општини се најголеми, но имаат и значајна политичка симболика. Затоа ќе бидат најзначајни за политичкиот пазар до 31-ви октомври. Фактот дека во втор круг се оди во 44 општини, отвора многу можности за соработка помеѓу различни политички фактори. Ќе има разно-разни коалици на локално ниво, каде ќе се имплицираат и односите на политичките фактори на и централно ниво. Ќе има и заткулисни игри, тивки бојкоти и политички одмазди на фракции внатре во партиите. Затоа овој втор круг е целосно непредвидлив. Без сомнение дека резултатот на локалните избори ќе ги одредува политичките текови и динамики во државата на национално ниво“, вели Незири.

Алијанса за Албанците вчера соопшти дека Централното претседателство на партијата му дало одврзани раце на претседателот Зијадин Села, заедно со потесното претседателство да ги продолжат преговорите со другите партии и пратеници на помалите партии коишто покажале подготвеност да бидат дел од новото парламентарно мнозинство, кое понатаму ќе го избере и новиот состав на Владата. Села ги информирал членовите на Централното претседателство за деталите од последните состаноци кои се одржуваат во врска со формирањето на ново парламентарно мнозинство. Овој состанок во партијата се одржа откако претходно во текот на денот Села имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која била потврдена меѓусебната поддршка за вториот изборен круг.

Back to top button
Close