Влен: Борбата против финансиската експлоатација на граѓаните станува реалност
Откако Министерството за финансии ја одзеде лиценцата на финансиското друштво и затвори 40 филијали, од Влен порачуваат дека институциите мора да ги штитат семејствата од должничко ропство
Владејачката партија Влен ја поздравува одлуката на Министерството за финансии да му ја одземе лиценцата за работа на финансиското друштво „Креди Јес“, што резултираше со затворање на нивните 40 филијали поради констатирани законски прекршувања. Во нивниото соопштение, велат оти ги охрабруваат државните институции решително да ја продолжат битката против сите финансиски злоупотреби и појави кои директно им штетат на граѓаните.
„Денес се докажува дека ова ветување не било само политичко ветување, туку реална заложба за заштита на јавниот интерес. Институциите треба да бидат во служба на граѓаните, а не на групи кои профитираат од економските тешкотии на луѓето“,велат оттаму.

Од Влен велат и оти го исполнуваат ветувањето дека ќе бидат во првите редови на борбата против појавите што го разјадуваат општеството, издвојувајќи ги коцкањето и злоупотребувачките брзи кредити како главни форми на финансиска експлоатација.
„Последната акција на Министерството за финансии покажува дека државата конечно презема конкретни мерки против практиките кои со години им нанесуваат штета на граѓаните, особено на семејствата со ниски приходи, вовлекувајќи ги во циклус на долгови, финансиска несигурност и економска зависност“,се вели во соопштението.






