Влен го осудува глорифицирањето на Ратко Младиќ – посочува на раководител на институција, но не и на партијата на Стоилковиќ


Влен најостро го осудува секое глорифицирање на четниците, а особено на Ратко Младиќ, осуден за геноцид и други тешки злосторства – се вели во реакцијата од владејчката партија, откако на социјалните мрежи се појавија неколку објави во кои се велича ликот на поранешниот командант на војската на Република Српска и осуден воен злосторник, кој почина вчера во Хаг.

Илустративна фотографија / Фото: Архива
Реакцијата на Влен доаѓа откако нивниот главен политички опонент, Демократската унија за интеграција (ДУИ), ги обвини дека молчат за објавата на нивниот коалициски партнер во власта – Демократската партија на Србите во Македонија, во која со пиетет за зборува за Ратко Младиќ.

Сепак, ако внимателно се чита соопштението од Влен, тоа како повеќе да се однесува на објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, отколку на текстот што на Фејсбук го сподели партијата на актуелниот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ.

Имено, без да го именуваат, од Влен наведуваат дека позагрживачки е кога вакви содржини се објавуваат од раководител на институција која треба да ги штити правата на Албанците и на другите заедници.

„Уште позагрижувачки е кога вакви содржини се објавуваат од страна на раководител на институција чија задача е да ги штити правата на Албанците и на другите заедници. Ова не е прашање на лични вкусови или убедувања. Ова е прашање на стандардите на еден јавен функционер и на пораката што институциите им ја испраќаат на граѓаните. ВЛЕН бара итна одговорност. Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците“,

се вели во соопштението од Влен.
Во текстот по повод смртта на Ратко Младиќ, напишан на српски јазик, објавен на фејсбук-профилот на партијата на министерот Стоилковиќ, за поранешниот лидер на војската на Република Српска, меѓу другото се наведува дека бил војник, генерал и човек, кој целиот свој живот го ставил во служба на војската и на народот на кој припаѓа.

Објава на својот профил на Инстаграм по истиот повод има и актулениот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.

Тој објави фото-композиција на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви е напишано: „Генерални на небеската војска“.

Опозициските СДСМ и ДУИ остро реагираа на текстот споделен на фејсбук-профилот на партијата Стоилковиќ. Од СДСМ бараат одговори од премиерот Христијан Мицкоски за постапката на неговиот министер, бидејќи како што наведоа од партијата величањето на човек осуден за геноцидот во Сребреница од министер во Владата не е личен став, туку директна порака дека во извршната власт во земјава има место за оние кои ги слават воените злосторници од најмрачните страници на балканската историја.

Од ДУИ, пак, сметаат дека Влен сноси политичка одговорност за овој чин на партнерот во власта и бараат разрешување на нивните министри во Владата, затоа што, како што велат, наместо промените што ги ветувале, носат понижувања кои ги кријат зад паролите за интеграција, рамноправност и права на заедниците.

Back to top button
Close