ВМРО ДПМНЕ објави дека Филипче платил 7,8 милиони долари на посредници од Хонг Конг за 200 илјади вакцини од Кина
Од опозициската партија имаат сознанија дека оваа сума е 60 отсто од вкупната што требало да ја добие посредничката компанија што, според ВМРО-ДПМНЕ, води до заклучок дека Владата влегла во зделка со која една доза од вакцината на „Синофарм“ би чинела 65 американски долари
За споредба, од ВМРО-ДПМНЕ посоочуваат дека за новиот договор за набавка, исто така, на 200 000 илјади вакцини на „Синофарм“ се платени околу 3 000 000 американски долари (15 долари за една доза), па прашуваат дали разликата, всушност, е провизија што требало да заврши во нечии џебови
Министерството за здравство и платило 7 800 000 американски долари на посредничката фирма „Стабри Интернешанл“ од Хонг Конг за набавка на вакцини против ковид-19 од Кина. Според документот што денеска го објави ВМРО-ДПМНЕ, како продолжение на случајот што го отвори италијанскиот весник „Ла Верита“, исплатата е извршена на 15 февруари 2021 година.

Од опозициската партија имаат сознанија дека оваа сума е 60 отсто од вкупната што требало да ја добие посредничката компанија за да испорача 200 000 дози од вакцината на „Синофарм“ во земјава. Соодветно, пресметките на ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата влегла во зделка со која една доза од вакцината на „Синофарм“ би чинела 65 американски долари.
Познато е дека по јавното објавување на случајот, Министерството за здравство на 28 февруари соопшти дека авансот за набавката на 200 000 кинески вакцини е повлечен.
Од опозициската партија, за споредба, посоочуваат дека за новиот договор за набавка, исто така, на 200 000 илјади вакцини на „Синофарм“ се платени околу 3 000 000 американски долари (15 долари за една доза), па прашуваат дали разликата, всушност, е провизија што требало да заврши во нечии џебови. За двете уплати – онаа од 7,8 милиони долари и новата од околу 3 милиони долари има запис на порталот „Отворени финансии“, кој ги бележи сите плаќања од буџетот.

Се очекува реакција од Министерството за здравство.