Во декември „матни“ настани Груби и Беџети и случајот ДКСК-Христовски

За Транспаренси интернешнл-Македонија во декември на листата „Бистро-матно“, од случаите со коруптивни однесувања се најдоа Артан Груби и судијата Енвер Беџети, а на листата „бистро“ е случајот со кривичните пријави против 12 македонски државјани и 1 странец за криумчарење луксузни возила.

Матно

Американскиот Стејт департмент ги стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети

Според соопштението на американското Министерство за надворешни работи, двајцата биле вмешани во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција. На најновата листа се најдоа и членовите на најтесното семејство на Артан Груби. Согласно одлуката, Груби и Беџети нема да смеат да влегуваат во САД, а визите, доколку ги имаат, ќе им бидат поништени.

Не е конфликтот на интерес тоа што антикорупционерката која го водеше случајот за директорот на АНБ била наставник на факултетот чија диплома му беше оспорена со преставка, вели ДКСК

Приватниот универзитет „Скопје“, поранешен Универзитет за туризам и менаџмент ја отстрани сликата на Цвета Ристовска, која е членка на Државната комисија за спречување на корупција од списокот на наставен кадар, откако ТВ „Телма“ постави прашања дали е конфликт на интерес тоа што баш Ристовска го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Неколку часа подоцна, Универзитетот ја врати сликата на Ристовска на страната каде што е објавен наставниот кадар. Дел од предметот за Бојан Христовски беше и претставка за неговата факултетска диплома, добиена на факултет и универзитет каде во тоа време дел од наставен кадар била токму Цвета Ристовска. Токму нејзе ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ, во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“. Таа на седницата на Антикорупциска рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат.

Осум лица се осомничени за злоупотреби при јавна набавка во Дирекцијата за ТИРЗ

Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по пријава од Управата за финансиска полиција, оформи предмет и поведе постапка против 8 лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во текот на предистражната постапка која Управата за финансиска полиција ја водеше во координација и под раководство надлежниот јавен обвинител, се обезбедија докази дека во временскиот период 26.01-12.07.2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622.981.190 денари.

Државниот завод за ревизија утврди системски слабости во Кривичен суд Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи на Основниот кривичен суд Скопје. Клучни утврдени состојби: Отсуство на веродостојни, вистинити и уредени сметководствени документи за потврда на правото на користење на старата зграда на судот, како и недвижни ствари кои не се евидентирани во сметководствената евиденција поради неизвршено примопредавање на истите; Невоспоставена евиденција за одземените парични средства и скапоцености и други одземени предмети и неизвршен попис на истите; Комисијата за преглед на севкупното работење не извршила целосен преглед на средствата за депозитите за 2023 година, и не е спроведен надзор на севкупното финансиско и материјално работење и Евиденција на судски депозити кои не се гаранции туку уплати по друг основ за кои судот нема податоци за основ на истите, како и отсуство на податоци за статусот на предметите на судските депозити, завршени /незавршени.

ЦГК: Податоците од регистарот на вистински сопственици во земјава не се користат за борба против корупцијата

Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо ја објавија Анализата на користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во Северна Македонија. Анализата покажа дека: Надлежните институции во земјава малку ги користат податоците за вистинските сопственици во насока на спречување, откривање и санкционирање на перењето пари и во борбата против тероризмот, а се чини, воопшто не ги користат за други цели и за спречување корупција, криминал и злоупотреби во другите области. Институциите и надлежната Управа за финансиско разузнавање имаат различни податоци за бројот на случаи против перењето пари и финансирањето тероризам.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопира иницијативата за измена на Законот за јавните набавки по скратена постапка

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември 2024 година, од група пратеници. Предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции.

Бистро

24 лица го оштетиле Буџетот за над милион и 500 илјади денари

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против С.Н. (40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и против 23 други лица од повеќе градови од државата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“ по член 261 од Кривичниот законик. Пријавениот С.Н. – соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата, во периодот од ноември 2021 година до април 2022 година, кој бил ангажиран за изработка на пресметките на плата на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја злоупотребил својата службена положба на начин што при изработка на пресметките за плата на 23 –те лица, сите вработени како шумски полициски службеници, во сите обрасци за плата, во графата „празнични часови“ внесувал поголем број на празнични работни часови, иако знаел и имал увид дека лицата немале воопшто или имале значително помал број празнични работни часови.

Обвинение за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Пеце Милевски од Битола, како директор исплаќал дополнително пари за успешност на врабoтени, а „водовод“ работело со загуби

Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола поднесе обвинение против Пеце Милевски, поранешниот директор на битолското Јавно претпријатие „Водовод“,  а сегашен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на службената положба. Обвиненитето е поднесено до надлежниот суд за периодот кога тој бил в. д. директор на претпријатието, за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. „Обвинетиот, во 2022 и 2023 година како в.д. директор на јавно претпријатие, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и во повеќе наврати на шест различни лица вработени во претпријатието без правен основ им исплаќал дополнителни средства за работна успешност и покрај тоа што претпријатието во континуитет работело со загуби.

Кривични пријави против двајца поранешни директори на Фондот за иновации

Против двајца поранешни директори на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили и Коста Петров, се поднесени кривични пријави. Во првиот случај, се работи за проект наречен „Грин Хојо“, кофинансиран од Фондот, кој бил за собирање податоци преку IoT-уреди за да се искористи решението за паметен дом за да се направи енергетски поефикасна канцеларија/куќа/стан. Постои основано сомневање дека Фондот е оштетен за 4.000.000 денари, затоа што е сторена „злоупотреба на службена положба“ од поранешниот директор Халили. Од ревизијата на работата на ФИТР произлегла уште една кривична пријава, исто така против поранешен директор на Фондот – Коста Петров. Во овој случај се работи за проект на „Фротирка“ од Делчево финансиран од ФИТР, кој не бил завршен, а бил исплатен, при што Петров наводно не реагирал соодветно.

Кривични за 12 македонски државјани и 1 странец за криумчарење луксузни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба

МВР информираa дека по издадени наредби од страна на судија за претходна постапка и јавен обвинител заради докажување на кривични дела поврзани со криминал со луксузни моторни возила, извршени се 10 претреси кај 10 лица, од кои седум се во Скопје, еден во Дојран, еден во Неготино и еден во Битола, при што се лишени од слобода шест лица: К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. МВР според претходно одземени 5 ПМВ и собрани материјални докази ќе поднесе пријава до ОЈО против 13 лица, од кои двајца се поранешни вработени во МВР, а еден е се уште вработен во МВР, каде во текот на ноќта и утрото лицата се изведени пред судија на претходна постапка.

Кривична за полициски службеник поради злоупотреба на службена положба

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди  при Министерството за внатрешни работи,  до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција Скопје, поднесе кривична пријава против Д.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член по член 353 од Кривичниот законик. Пријавениот, полициски службеник, извршувајќи работни задачи како документарист, со пречекорување на службеното овластување, во септември 2023 година изготвил службен акт со невистинита содржина, злоупотребувајќи го потписот на раководителот на Полициската станица Тетово.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close