Во ДУИ се лицемерни, организираат сценарија за етнички конфликти, а глумат загрижени – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Во Демократската унија за интеграција (ДУИ) се лицемерни. Од една страна, со Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) организираат црни сценарија за етнички конфликти, а од друга глумат дека се загрижени и подбуцнуваат групи да дивеат и внесуваат раздор. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за соопштението на ДУИ по синоќешниот инцидент на прославата на Денот на албанското знаме во центарот на Скопје, кога граѓани го искинаа националното знаме.

„Така владееја над 20 години. ДУИ треба да знае дека СДС не е на власт, а ДУИ е опозиција. И сите нивни инструменти и потрчковци што ќе посегнат по рушење на редот и поредокот ќе одговараат. Ниту ДУИ, ниту Ахмети не се над законот“,се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо протести, бидејќи ДУИ нема сила за протести, како што посочија од владејачката партија, добивме кукавичко сценарио за етнички поделби и конфликти.

„Ќе загубите и овој пат“,пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во писменото соопштение испратено до медиумите, од ДУИ главно ја осудуваат полициската интервенција на настанот, за која оценија дека е без преседан.

Го осудија и палењето на државното знаме – чин кој го оквалификуваа како реакција на несоодветната полициска интервенција.

„Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција. Го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата. Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту, пак, стремежите за стабиелен соживот и заемна почит“,се вели во соопштението од ДУИ.

Оттаму оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и други политички субјекти се обидуваат да ги злоупотребат инцидентите за да изградат лажна нарација која ги криминализира ставовите Албанците.

Ваквата тенденција, како што велат, е напад на идентитетот и достоинството на Албанците и обид за прикривање на криминалните агенди на овие структури.

Back to top button
Close