Во Франција утре се одржува вториот круг од парламентарните избори

epa10014668 A woman walks past legislative election posters in Gignac, France, 15 June 2022. The legislative elections will be held on 12 and 19 June 2022 to elect the 577 members for the National Assembly of the French Republic. EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

Франција утре ќе го одржи вториот круг од парламентарните избори, кои се неизвесни за центристичкиот претседател Емануел Макрон, бидејќи не се знае дали владејачката алијанса ќе освои апсолутно мнозинство во парламентот кој има 577 места, објавија локалните медиуми.

Во првиот круг минатата недела, центристите на Макрон, кои се дел од коалицијата Заедно и левичарската коалиција предводена од лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон освоија приближно ист број гласови, со мала предност за центристите.

На трето место се најде лидерката на екстремно десничарската партија Национален собир Марин Ле Пен, а на четврто десничарските Републиканци.

На коалицијата „Заедно“ и требаат најмалку 289 места за апсолутно мнозинство, како што беше случајот на последните избори во 2017 година, кога центристите на Макрон освоија 350 места.

Како што јави телевизијата BFMTV, односот на силите сега е понеповолен за претседателскиот табор.

Според истражувањето на агенцијата „Елаб“, „Заедно“ може да освои меѓу 255 и 295 места, а коалицијата „Нова народна еколошка и социјална унија“ (Нупес) на Меланшон меѓу 150 и 200 места, што е голем скок од претходните избори.

Десницата би можела да освои од 55 до 75 места, многу помалку од пред пет години, додека екстремната десница може да добие меѓу 30 и 50 пратенички места.

И други анкети ја отсликуваат неизвесноста за постигнување апсолутно мнозинство за коалицијата на Макрон.
Во случај владејачката коалиција да добие релативно мнозинство, тоа би значело дека и понатаму е најголема во парламентот, но ќе мора да прави сојузи и договори за одредени предлог-закони.

Ова не би било првпат за Франција, бидејќи во 1988 година, по реизборот на социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран, социјалистите владееја без апсолутно мнозинство, со 275 пратеници. Во некои случаи тогашните премиери мораа да преговараат со комунистите, центристите, но и со десницата.

Весникот „Либерасион“ неодамна спомена сценарио за кохабитација за која верува дека „без сомнение ќе биде најлошиот кошмар за центристите на Макрон“. Сепак, таквата можност е помалку веројатна, бидејќи не се очекува гласачите да изберат 289 или повеќе пратеници од редовите на левичарската коалиција.

Аналитичарите стравуваат од слаб одѕив на гласачите, додека анкетите предвидуваат излезност од 44 до 47 отсто од 48-те милиони гласачи.

Првите резултати од излезните анкети се очекуваат, како и обично, набрзо по затворањето на гласачките места во 20 часот.

Back to top button
Close