Во потрагата на Вања се вклучи и Интерпол, а грчка невладина организација за заштита на децата објави пост
Грчката невладина организација „Насмевката на детето“, чија главна цел е заштита на децата и нивните права, на официјалниот Фејсбук профил објави пост за исчезнатото девојче од Скопје Вања Ѓорчевска, јави дописничката на МИА од Атина.
Во објавата се споделени сите информации, околу личниот опис на девојчето, облеката што ја носела на денот на исчезнувањето, како и официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Паралелно, заедно со информациите, споделена е и фотографија.
„Насмевката на детето“ е најголемата и единствената непрофитна организација за заштита и помош на децата во Грција, а меѓу активностите е и Амбер Алерт Грција за исчезнати деца, како и националната линија СОС за помош.
Четири дена трае потрагата по исчезнатото девојче од Скопје откако во понеделникот нејзината мајка објави дека е исчезната. Како што соопштија од полицијата, истрагата за пронаоѓање на 14-годишната Вања продолжува интензивно, а на барање на МВР по девојчето е распишана и меѓународна потерница од страна на Интерпол.
Портретната фотографија и описот на девојчето од вчера се објавени на веб-страницата на МВР во регистарот на исчезнати лица, а фотографии од девојчето масовно се споделуваат и на социјалните мрежи со надеж дека ќе придонесат кон нејзино побрзо пронаоѓање.