Враќајќи ги комунистичките имиња на улиците во Тетово, Уставниот суд ја погази Декларацијата за извинување на жртвите на режимот

 

Автор Ивон Величковски

·Фокусирани на дневно-партиски препукувања околу одлуката на Уставниот суд, јавностите во Северна Македонија – и македонската и албанската – го занемарија фактот дека Уставниот суд фактички донесе политичка одлука спротивна на собраниската Декларација за извинување на жрвтите на режимот 1945-90.
Донесена на 7 април 2006, во себе содржи недвосмислено преиспитување и негативна квалификација на авторитарното минато и недемократските методи на монизмот.
Реофицијализирајќи ги „Маршал Тито“,, „ЈНА“, „29 Ноември“…, Уставниот суд политички одлучи да ја погази Декларацијата – обидувајќи се да го одржи еднопартизмот како дух – до 1990 низ СКМ, во 2026 низ коалицијата ВМРО-СДСМНЕ.
Затоа оваа коалиција молчи за одлуката на своите уставни судии и истакнати правници.
Декларацијата како правен документ е манифест на волјата на државата: низ доносителот Собрание – таа е одраз на волјата на (претставниците на) граѓаните во највисоката (законодавна) власт и патоказ на државните политики.
Молкот на „македонските партии“ за имињата на улиците, е паралелен со молкот за заклучоците во европскиот извештај за Северна Македонија во кои се повикува на „отворањето на досиејата на УДБА и КОС кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија“.
Но и за констатацијата дека „растечки силните врски меѓу Северна Македонија и Владата на Србија… следат нелиберална агенда во контекст на …кинеското влијание,… руското и наративите во регионот што го доведуваат во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите во регионот“.
Дефиниција во која дипломатски е кажано дека цела држава е ставена под влијание на странска влада и држави – преку своите институции.
Рејугословенизирајќи ги улиците во Тетово, Уставниот суд ги потврди токму овие заклучоци од Европскиот Парламент при усвојувањето на Извештајот на Европската Комисија за РСМ 2025. Затоа и извештајот во речникот на партиите и нивните медиуми е сведен на – „Бугари во Устав“.
Ова секако не го намалува горкиот впечаток дека воопшто во локалната, етничката и националната колективна меморија продолжува плиткиот дневно-партиски пристап.
Што мислите, дали за тетовчани, било Македонци било Албанци, е поприфатливо името на улиците „Маршал Тито“, „ЈНА“, „29 Ноември“… или на пример имињата на:
– Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на независната држава,
– Абдурахман Алити, еден од првенците на албанската плурална сцена и амбасадор на независната држава,
– Алајдин Демири, поранешен тетовски градоначалник и амбасадор, кој ги премости бурните интервенции на полицијата?
Тетовската и скопската „елита“ нив секако ги премолчува оти ги потсетува дека политиката сепак не е само дневен бизнис.
Кого мислите дека го чувствуваат за поблизок за независноста на државата и самобитноста на македонскиот народ во Куманово:
– Крсте Црвенковски – „анархолибералот“ кој му се спротивстави на југословенскиот централизам и „ранковиќевизмот“ во интерес на Македонците, Албанците, Турците… во СРМ – или
– Анѓа Ранковиќ, првата сопруга на Александар Ранковиќ, чие име носи улица во Куманово?
Зарем мислите дека било кое од овие имиња вградени во историјата на независноста е помалку соодветно од „Ленинова“ во центарот на Скопје?
Се плашам дека (и) со оваа одлука Уставниот суд придонесе кон легитимирање на „бадентерот“ во неговото одлучување за ваков тип прашања. Бидејќи произведува нужност на отпор кон југо-белградскиот модел на толкување на словото на законот иако законот е правната форма на моралните и општествените вредности.
Единствено корисно е што тоа ги руши табуата во до сега контролираната македонска јавна реч и нарација.
Оти сите знаеме дека Сојузот на борците на Македонија без СУБНОР е само обичен архаизам составен од внуците и правнуците на борците.
И дека поради него денес нема Сојуз на ветерани, вклучително оние од 2001 година – препуштени на дневно-партиско поткусурување.
И кај Македонците и кај Албанците.

Back to top button
Close