Врховниот суд на Бразил и нареди на Владата да објавува целосни податоци за Ковид-19

Врховниот суд во Бразил и нареди на Владата да продолжи со објавување целосни податоци за заразените од Ковид-19, вклучително и вкупниот број на починати луѓе.

Бразилската Влада претходно престана да го објавува вкупниот број на починати од новиот коронавирус, но продолжи да го објавува бројот на новозаразени на дневно ниво.

Судијата Александре де Моарес изјави дека Владата има должност да ги информира граѓаните. Тој  додаде дека пандемијата, од која починаа 38.400 Бразилци, од Владата бара транспарентност.

Жилмар Мендес, судија од Врховниот суд истакна дека манипулацијата на податоците е тактика на авторитарен режим и прикривањето бројки нема да ја ослободи Владата од одговорноста за големата епидемија во Бразил.

Од бразилското Министерство за здравство најавија дека ќе го обноват кумулативниот број на смртни случаи на веб-страната, но со измени во методологијата.

Back to top button
Close