Вучиќ: На митингот граѓаните ќе може да се изјаснат и да дават предлози за името на новото движење
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва изјави дека граѓаните ќе имаат можност в недела, на митингот, да се изјаснат преку гласачки ливчиња и да дадат предлог за името на движењето за народот и државата, кое до 28 јуни (Видовден) ќе го добие името, јави дописникот на МИА од Белград.
„ Народот ќе одлучи за името, ќе има можност да го направи тоа и в недела, бидејќи ќе имаат таканаречени гласачки ливчиња за да го напишат својот предлог. Има седум или осум предлози за името на движењето.Потоа повторно на долга дебата и гласање.Се треба да заврши на 28 јуни на Видовден“, рече Вучиќ во изјава за Њузмакс Србија.
Зборувајќи за собирот по повод формирањето на новото движење за народот и државата од 11 до 13 април, тој истакна дека е горд на таа иницијатива и дека движењето веќе привлекло огромно внимание кај граѓаните.
„Тоа е движење кое мора да понуди дијалог, но движење кое не смее да бега од спротивставени мислења, бидејќи ни треба демократија, ни требаат различни мислења. Нема општество во светот кое не е потребно“, рече Вучиќ.
Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ вечерва изјави дека Вучиќ на централниот состанок на движењето за народот и државата в сабота ќе ги изнесе барањата со кои ќе продолжи да се гради уште посилна и постабилна Србија.
„Тој ќе ги претстави барањата на мнозинството, пристојна, нормална Србија – како ќе ја добиеме правдата по пет месеци малтретирање, како ќе постапат независните институции, како ќе дејствуваат независните обвинители, независно судство. Како ќе се вратиме на себе. И тоа ќе бидат тие барања и мислам дека сите едвај чекаат да ги слушнат и нема да се откажеме од тие барања“, изјави Брнабиќ.
„Тоа ќе биде собир на единство, собир на заедништво. Сите треба да бидеме овде заедно и ќе има атмосфера што ќе означи дека Србија се враќа на себе, крај на теророт“, истакна Брнабиќ.
Таа ги повика денеска сите што сакаат мирна и стабилна Србија утре во 17 часот да бидат пред српското Собрание каде ќе започне тридневната манифестација „Не ја даваме Србија“.
Претходно, Вучиќ изјави дека – „Секој што зборува за спасоносно насилство, сите тие лица, ќе одговараат. И тоа секако ќе биде едно од барањата изнесени в сабота и тие барања нема да бидат напуштени додека целосно не се исполнат. Насилниците ќе треба да одговараат“.