Вучиќ од Москва: Нека ме казнат мене, а не Србија


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави во Москва дека очекува последици поради учеството на руската воена парада по повод победата над фашизмот во Втората светска војна, но дека од Европската Унија очекува да го казни лично него, а не Србија.

– Убеден сум дека Србија ќе остане на европскиот пат. Ако ЕУ сака да казни некого, нека ме казни мене. Ќе ја прифатам казната на себе и ќе барам да не се казнува целата земја, изјави Вучиќ за РТС.

Вучиќ денеска пристигна во Москва преку Бугарија, Турција и Азербејџан, бидејќи Летонија и Литванија не му дозволија прелет над нивната територија.

– Патувавме преку Бугарија, Турција и Азербејџан, и кога ни беше дозволен коридорот, го продолживме патот. Стигнав во Москва каде ме пречека заменик-министерот за надворешни работи, Александар Грушко, еден од најважните луѓе во руската дипломатија, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека некои во српската влада поставиле прашање за воведување реципрочни мерки кон Летонија и Литванија, но дека тој е против такви мерки.

Вучиќ изрази гордост што, како претседател на земја чиј народ се борел против фашизмот, ќе присуствува на воената парада по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна.

– Српскиот народ нема од што да се срами, туку треба да се гордее со својата борба против фашизмот. Ако некој има право да се гордее со борбата против фашизмот, тоа е српскиот народ, рече Вучиќ.

Тој истакна дека утре ќе се сретне со рускиот патријарх Кирил, на кого ќе му врачи орден, како и со претседателот на Казахстан, Жомарт Токаев. В петок, по парадата, најпрво ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, а потоа со рускиот претседател Владимир Путин.

Вучиќ најави дека со Путин ќе разговара за новиот гасен аранжман и за Нафтената индустрија на Србија (НИС), на која САД ѝ воведоа санкции поради мнозинска руска сопственост, како и за политичката соработка на меѓународно ниво

Back to top button
Close