Вучиќ по работна вечера со Фон дер Лајен и Кошта: Не е употребен звучен топ, подготвени сме ЕУ тоа да го провери
– Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во Брисел изјави дека ги известил највисоките претставници на Европската унија дека на протестот во Белград на 15 март не бил употребен звучен топ и дека српските власти се подготвени Брисел да го провери тоа.
По работната вечера со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Вучиќ за српските медиуми изјави дека српската Влада не употребила звучен топ, дека „нема што да крие“ и дека е „целосно отворена да ја разгледа на секој можен начин“.
„Им кажав на моите домаќини дека не е употребен звучен топ, дека сме подготвени да го провериме на секој начин и дека ќе дадеме одговор до Европскиот суд за човекови права, без разлика што неговата употреба никаде во Европа не е забранета“, рече Вучиќ.
Тој рече дека е „многу задоволен“ од разговорот со највисоките претставници на ЕУ, изразувајќи уверување дека средбата „значела многу за иднината на Србија“.
„Разговорот беше срдечен…Клучна тема беше европската иднина на Србија. Реков дека Србија ќе биде апсолутно посветена на таа цел, и повеќе отколку што беше досега, но реков и дека наскоро ќе имаме одлука за формирање нова влада или одлука за нови избори“.
Тој додаде дека разговарале и за политичката ситуација во регионот, за неопходноста од зачувување на стабилноста и мирот, за економската ситуација, но и за „работите што Србија мора да ги направи во областа на владеењето на правото за да може да се избори за отворање на преостанатите кластери во пристапните преговори“.
На средбата било разговарано и за економијата и инвестициите, интересот на ЕУ за минералните ресурси и заедничките проекти со Србија, како и за одбранбената индустрија.