Вучиќ: Пријатели, добредојдовте на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска им посака добредојде на учесниците на претстојниот меѓународен саем Винска визија на Отворен Балкан, што почнува утре во Белград, нагласувајќи дека тоа е можност сите гости на вистински начин да го запознаат Балканот.

– Драги пријатели, ве очекуваме на најдобриот настан за оваа година – саемот Винска визија на Отворен Балкан! Белград го отвори своето срце за сите гости кои во наредните денови на вистински начин ќе го запознаат нашиот Балкан и најдоброто што има да го понуди. Добредојдовте во Белград, наведе српскиот претседател на Инстаграм.

Претседателот Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски утре ќе присуствуваат на отворањето на Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан, што ќе трае до 4 септември.

Нашата македонска кујна е позната по специфичната комбинација на вкусови составена од врвните зеленчуци и билки одгледувани под ова наше поднебје, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.

– На саемот за вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград ќе биде изложена највкусната и најпознатата македонска традиционална храна, објави премиерот Ковачевски на фејсбук.

Саемот се одржува под покровителство на владите на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија, а се очекува да присуствуваат над 332 излагачи од 22 земји од кои 160 излагачи од Србија, 26 од Албанија, додека 43 винарии и три дестилерии ќе дојдат од Северна Македонија.

Покрај земјите-членки на Отворениот Балкан, се очекуваат изложувачи и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други земји. Со оглед дека и храната ќе биде во фокусот, како вид традиција, ќе има по пет мастер шефови од Северна Македонија, од Србија и од Албанија, како и специјален гостин изненадување. На манифестацијата ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот. Вкупно 300 метри квадратни, се резервирани за туризмот.

Back to top button
Close