За Бугарија, по стоти пат: врзете ги појасите!

Не беше тешко да се предвиди дека стратегијата на Софија за блокирање на евро-интегративниот пат на Македонија ќе предизвика (најмалку) две крупни последици за самата Бугарија.

Едната е тоа што европската иднина на Македонија е темелно блокирана, со дополнителна компликација што тоа го носи за вториот дел од „тандемот“, Албанија. Навистина, геополитичката, економската и општествената штета од однесувањето на Бугарија е огромна пред сѐ за нас и за Албанците, но ваквата груба бугарска интервенција во евро-американската стратегија за Балканот ја става Софија во позиција да биде централен проблем, а не дел од решението за таа стратегија. И тоа проблем кој сите го третираат како ирационален и непринципиелен, чии регионални безбедносни последици само уште повисоко ќе го зголемуваат притисокот врз Бугарија до точка до која ќе видиме до каде е подготвен нашиот источен сосед да ја доведува и својата регионална позиција во прашање.

За тоа е свесна и Софија, иако до сега успешно го одржува својот „национален консензус“ за своето „антиевропско“ однесување. Тие последици не мора да се веднаш видливи или да се читаат по медиуми. Но, (ќе) ги има. А, не е Бугарија водечкиот фактор на Балканот – напротив, со ваквото однесување уште повеќе си штети на својата регионална „факторизација“ – ниту, пак, е клучен играч во какви било континентални или глобални движења, доколку се посматраат од аспект на сојузничките интереси во политичките и воените алијанси на кои (денеска) им припаѓа. Ова не мора ни дополнително да се аргументира.

Втората последица за самата Бугарија, би се рекло, е уште понезгодна, дури и ако се земе предвид само основата на нивниот антимакедонски „национален консензус“. Имено, прашањето за македонското малцинство во границите на тој наш сосед, дури и со јасно декларираната позиција на Македонија дека во тоа „внатрешно прашање“ на Бугарија не мисли државно да се меша. Бидејќи, на официјално Скопје не му е тешко тоа да го изјави и постојано (писмено и усмено) да го повторува, токму затоа што за прашањата од тој вид важат добро дефинирани и изградени меѓународни стандарди и практики.

 

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close