За два дена втор повреден малолетник пешак, уште еден апел од СВР Тетово за поголема внимателност

– Тетовската полиција бележи повреден пешак малолетник и вчера, што претставува втор случај за два дена откако и во средата, седумгодишно девојче пешак беше повредено во  сообраќајка. Вчера околу 18 часот и 50 минути, на локалниот пат во тетовско Рогле, патничко моторно возило „Ауди А4“ со тетовски регистарски ознаки управувано од 22-годишниот М.А. од ова село, удрило во малолетен пешак од скопско Ласкарци.

-Во незгодата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во тетовската Клиничка болница, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово, информира портпаролот на СВР Тетово, Марја Јосифоски.

СВР Тетово упатува апел и до пешаците и до возачите за поголема внимателност со цел поголема безбедноста во сообраќајот.

-Уште еднаш со апел до пешаците да ги преминуваат улиците на обележани премини, да ја почитуваат светлосната сигнализација на крстосниците и правилно да се движат таму каде што нема обликувани тротоари. На тој начин ќе придонесат за сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. На родителите на малолетни деца им се советува да водат сметка и да не ги пуштаат децата сами на улица, за да не се изложат на опасност да бидат удрени од некое возило. На возачите,пак, им се укажува да ја намалат брзината пред прешачките премини и секогаш да им даваат предност, односно да ги пропуштат пешаците, вели Јосифоски.

За пешаците за непочитување на сообраќајните правила и прописи предвидени се законски санкции и со парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок се движат од 20 до 50 евра во денарска противвредност. Недавањето предност на пешаците, за возачите, според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се санкционира со изготвување на поднесок и со глоба во износ од 200, односно 250 евра во денарска противвредност. 

Back to top button
Close