За Израел резолуцијата на Советот за безбедност на ОН што повикува на хуманитарни паузи е „исклучена од реалноста“
Амбасадорот на Израел во ОН ја отфрли резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на хуманитарни паузи и ја нарече „исклучена од реалноста“ и „бесмислена“.
„Без оглед на тоа што ќе одлучи Советот, Израел ќе продолжи да дејствува според меѓународното право, додека терористите на Хамас воопшто нема да ја читаат резолуцијата, а камоли да ја почитуваат. Жално е што Советот продолжува да го игнорира, да не го осудува, па дури и да не го споменува масакрот што Хамас го изврши на 7 октомври, што доведе до војната во Газа. Навистина е срамота“ се вели во објавата на „ИКС“ од амбасадорот Гилад Ердан.
Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која е усвоена вчера, откако членките ги надминаа разликите по неколкунеделни несогласувања, повикува на итни продолжени хуманитарни паузи за да се овозможи пристап на помошта до Газа. Исто така, се повикува и на итно и безусловно ослободување на сите заложници што ги држи Хамас.
За резолуцијата, која е прва на ОН за израелско-палестинскиот конфликт од 2016 година, гласаа 12 членки.
Велика Британија и САД, две држави што имаат право на вето во Советот, гласаа воздржано бидејќи резолуцијата не содржела јасна критика кон Хамас. Русија, пак, која исто така е постојана членка со право на вето, се воздржа од гласање бидејќи документот не повикувал на моментален прекин на огнот.