За кого бие „Клепалото“?

Границата во должина од 165 километри ја претворија во мост за соработка. Македонските и бугарските општини во пограничниот регион досега реазлизираа околу 200 проекти, а еден од следните ќе биде новиот граничен премин.

   

 

Денот на европската соработка, 21-ви септември, Северна Македонија го дочека со две различни пораки – една од бугарскиот претседател, друга од општините во пограничниот регион на двете земји. Првата говори дека треба да се исполнат критериумите за добрососедство, втората – дека токму доброседството ги гради заедничките проекти во пограничните општини.

„Декларациите и ветувањата во дијалогот со Република Северна Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки решенија што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати, порачал бугарскиот претседател Румен Радев на вчерашната средба во Софија со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји.

Бугарскиот претседател Румен РадевБугарскиот претседател Румен Радев

Добрососедство на дело

Додека течеше таа средба на „Дондуков“ број 2, Денот на европската соработка го одбележаа учесниците во Програмата за прекугранична сорботка Интеррег-ИПА меѓу Бугарија и Северна Македонија, со Виртуелен туристички саем. На саемот продефилираа слики и пораки од општини и значајни културни и археолошки локалитети и природни реткости кои досега биле вклучени во програмата: во Кумановско, Кратовско, Крива Паланка, Ќустендил, Невестино, Сапарева Бања, Благоевград, Лешково, Белица, Сандански, Струмица, Берово, Кочани, Штип… Покрај досегашната, тие се пред можност за уште поголема соработка, со оглед дека нови 30 милиони евра од ЕУ ќе бидат инвестирани во развојот на овие погранични региони во следните седум години. Захари Христов, заменик-министер во бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи, во видео-обраќање по повод Европскиот ден на соработката, најави дека инвестициите ќе бидат насочени за развој на чиста и зелена средина, одржлив туризам и поддршка на конкурентноста во прекуграничниот регион. Но меѓу приоритетните проекти е изградбата на нов граничен пункт помеѓу општините Струмјани и Берово, за кога идејата датира уште од 2003 година.

„Специјално одвоивме средства за изградба на граничниот пункт ‘Клепало’, за да имаме уште еден нов пат на кој ќе се среќаваме и заедно ќе одиме напред“, рече Христов.

Благодарение на програмите Интеррег, во последните 20 години е обновен изгледот на објекти во пограничните населени места на двете земји, обезбеден соодветен пристап до природни знаменитости, обновени се антички тврдини, цркви, а помогнати се и изградени локални културни, образовни и спортски центри, низ кои се развиваат активности на младите од двете земји, кои бележат успеси.

„Се восхитувам на овие млади луѓе кои ги оживуваат традициите и споделуваат идеи за иднината, без да поставуваат граници меѓу нив. Тоа не прави горди бидејќи границите меѓу нас можат да поврзуваат, а не да разделуваат. Убеден сум дека сѐ што направивме досега преку нашата трансгранична програма помогна и за позитивната промена во начинот на кој мислиме едни за други, ја зголеми нашата меѓусебна доверба и нѐ направи поблиски“, рече Христов.

Интензивна соработка на пограничните општини од двете страни на македонско-бугарската границаИнтензивна соработка на пограничните општини од двете страни на македонско-бугарската граница

Трет програмски период

Во првиот програмски период 2007-2014 биле имплементирани 100 проекти, а во вториот 2014-2020 биле одобрени 81 и повеќето од нив се реализирани.

„Резултат на заедничката работа се речиси 200 проекти коишто се креираат и имплементираат со заеднички сили, а корисници на проектите се речиси половина од општините во земјата”, вели во видео-обраќањето македонскиот заменик министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски.

„Сега кога имаме и искуство и знаење, и веќе потврдени партнерства меѓу институциите и граѓаните, убеден сум дека во третиот програмски период 2021-2027 година ќе бидеме уште поуспешни. На овој пат ЕУ е нашиот најголем поддржувач. Ни помага заедно да ги решаваме прашањата коишто се важни за граѓаните од пограничниот регион, и заедно да создаваме подобри услови за живеење како граѓани на заедничка Европа. Ова е примерот како треба да се функционира во Европската унија, како да се градат добрососедски односи и како заеднички можеме да придонесеме за побрз равој на регионот“, порача Димитровски.

Прекуграничниот регион на оваа програма ги вклучува областите Ќустендил и Благоевгерад во Бугарија, и североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион во Северна Македонија. Заедничката граница се протега во должина од 165 километри и има три активни гранични премини. Благодарение на напорите од двете земји, и идејата за преминот „Клепало“ наскоро треба да стане реалност.

извор: ДВ

Back to top button
Close