За прв пат Уставниот суд пријави судија од Граѓанскиот суд за ингорирање на нивна одлука, на потег Обвинителството и Судскиот совет
Од Уставниит суд информираат дека судија од Граѓанскиот суд не почитувал и применил нивна одлука, поради што го алармирале Обвинителството и Судскиот совет.

Ова е прв пат Уставниот суд да пријави судија, а се однесува за непримена на одлука на Уставен за предмет на новинарката Наташа Стојановска, поврзан со ,,27 април”. Во продолжение соопштението на Уставниот суд во целост.
-Уставниот суд на 24 јули 2026 година го извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска не ја извршил Одлуката на Уставниот суд БЗСП.бр.8/2025.
Имено, Уставниот суд на 24 септември 2025 година утврди повреда на слободите и правата коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.06.2022 и втората од Апелациониот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката.
На 22 мај 2026 година, полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски го извести Уставниот суд дека пресудата за предметот БЗСП.бр.8/2025 не е извршена(не е земена предвид), бидејќи предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд е отфрлен.
По ова известување, судиите на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучија да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Уставниот не е извршена.
Потоа, на седницата која се одржа на 22 јули 2026 година, Судот го донесе Решението во кое констатира дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025, не е извршена. Ова е констатирано по детален увид на Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година донесено од судијата кој постапувал во предметот, во Основниот граѓански суд Скопје.
Уставниот суд утврди дека првостепениот (Основниот граѓански) суд се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка, навел дека Одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ, но пропуштил да ги земе предвид уставно утврдените правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност, со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд.
Уставниот суд смета дека ваквите случаи треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, особено на непосредната уставно-судска заштита кои ги уживаат правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот.
Дополнително, во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено пракса да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата. Имено, по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, Основниот граѓански суд Скопје, одлучувал по предлог за повторување на постапката во правосилно завршениот предмет МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година, ја прифатил наведената одлука на Уставниот суд како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката согласно со член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка. Ваквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година.
Оттука, Уставниот суд оцени Основниот граѓански суд за Наташа Стојановска, не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката иако истите биле утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 на Уставниот суд.
Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривично-правни санкции во случај кога не се извршуваат.
Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд.
Уставниот суд за прв пат во овој случај го примени новиот механизам за извршување на одлуките предвиден со Актот на Судот кој стапи во сила од септември 2024 година.
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи,велат од Уставниот суд.






