За што се потрошија над два милиони евра? – Стеснетиот пат кон Велешко езеро небезбеден и за велосипедистите
Несреќата, во која со телесни повреди се здоби 54-годишниот Јаневски и кој во моментов е на домашно лекување, се случи на угорницата која води кон велешко езеро „Младост“ која е омилено место за велосипедистите, но која по реконструкција на патот со банкини е многу стесната.
Повредениот Зоран Јанев од Здружението „Велес Бајкинг“ за МИА информира дека од падот освен на нозете има болки и на главата,но за среќа во несреќата поминал со полесни телесни повреди. Потенцира дека како и секогаш и вчера носел заштитна кацига и целосна опрема за заштита и видливост која е задолжителна за велосипедистите, а посебно ноќе и да имаат исправен светлосен уред на велосипедот што е задолжително да се поседува посебно за ноќно возење.
Регионалниот пат Р1102 од Велес кон Катланово преку езерото „Младост“ требаше целосно да се реконструира, но делницата од клучката кај Башино село до ресторан „Бела Вода“ на крајот од езерото која е завршена е потесна во споредба со претходниот пат за 90 сантиметри.
Граѓаните во Велес се жалат дека не можат да се разминат со своите возила, а предупредуваат дека ќе биде опасна кога ќе се разминуваат две поголеми возила како камиони или автобуси кои често носат туристи кон оваа локација.
Бидејќи се работи за регионален пат, рехабилитацијата ја изврши Јавното претпријатие за државни патишта. Таа беше поделена во две секции, првата во должина од 3,53 километри, а втората од 4,88 километри или вкупно 8,4 километри. Ширината на асфалтниот дел е 4,6 метри, а регионалните патишта треба да имаат широчина од 5,5 метри.
Од ЈПДП велат дека изведувачот нема направено грешка при изведба на работите според проектот за рехабилитација на делницата Катланово – Велес вклучувајќи го и „стеснувањето“ кон езерото Младост, а регионалниот пат е со променлива ширина.
Од Државни патишта велат дека изведувачот нема направено грешка при изведбата на работите кои се според одобрен и ревидиран проект, но на делови од трасата широчината на патот е различна поради постоечките елементи и објекти на патот како што се тротоари, паркинзи и хотели.
На делови од трасата, широчината на патот е дефинирана од постоечките елементи и објекти на патот (тротоари, паркинзи, хотели итн.), но на поголемиот дел од трасата широчината на коловозот е 5 или повеќе од 5 метри. Исто така, сообраќајната сигнализација, заштитна ограда и сите останати елементи од патот се изведени согласно со одобрениот Проект.
Изведувач на работите беше „JV INFRA EXPERT & VATO DOO“, а надзорот над работите го вршеше „ЕВРОКОНСЛАТИНГ“. Истовремено се работеше и на делницата од Катланово кон Велес. Предвидени средства за реконструкција на овој патен правец, на двете делници, се 164,12 милиони денари или околу 2,67 милиони евра