За ВЛЕН Таравари го прекршил зборот и невозможно е да биде во Влада ако соработува со ДУИ
Вицепремиерот Изет Меџити реагираше по вчерашната средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на АА, Арбен Таравари. Алудирајќи на фактот дека Таравари ја прекршил својата заклетва и збор, Мeџити пишува:
„Кога ветувањето се прекршува, лебот е скршен, а скршениот леб не се лепи. Ниту со последователни состаноци, ниту со месечни рокови. Бидејќи ветувањето не е само збор; тоа е гаранција за чест, која во историјата била помоќна од кој било правен документ“, рече Изет Меџити, вицепремиер.
За ВЛЕН, како и за премиерот, невозможно е Таравари да остане во влада ако соработува со ДУИ. Тие ќе разговараат и за ова прашање со премиерот.
„Ние не го судиме ставот на премиерот, но како коалиција ВЛЕН ќе инсистираме до крај секој што соработува со ДУИ во овие околности кога ДУИ е на црни листи, кога ДУИ е партија што треба да даде отчет за корупцијата на нејзините високи функционери не може да биде прифатлив. Вечерва имаме средба со премиерот на која веруваме дека ќе ги разјасниме овие околности. Повторно велам дека тоа не е прифатливо, а тоа го кажа и премиерот, дека не може да се соработува со опозициска партија, во овој случај со ДУИ и истовремено да се остане во влада. Со премиерот треба да ја разјасниме оваа ситуација, став што досега сме го имале заеднички во однос на продолжувањето на останувањето во владата“, рече Билал Касами, ВЛЕН.
Ден претходно, средбата меѓу Мицкоски и Таравари заврши без епилог, но извори од Владата изјавија дека се одвивала во конструктивен дух. Се дознава дека Мицкоски му дал рок на Таравари до крајот на мај да одговори на прашањето дали ќе се определи за соработка со ДУИ на локалните избори, или ќе избере да остане дел од владиниот коалициски блок. Според информации на Алсат, на маса не биле ставени дополнителни планови или опции, освен овие две. Изјави по средбата немаше, бидејќи лидерот на АА влезе и излезе од гаражата на зградата на Владата, избегнувајќи ги медиумите.
Премиерот претходно изјави дека Таравари има две опции да биде во Владата за реформи и промени или со оние кои две децении ја криминализираа државата. Игрите зад сцената се гледаат, а според Мицкоски, тие игри често му се враќаат на тој што ги игра. Таравари, пак, изјави дека нема договор со ДУИ, и дека кога ќе има, нема да претендира да биде повеќе дел од Владата. (Алсат.мк)