Заминувањето на ЗЗ

Зоран Заев од како е премиер барем најмалку два пати беше спремен да замине од политиката, односно да си даде оставка. Овој трет обид се покажа изгледа како негова конечна одлука.

Таму некаде на почетокот на јануари 2019 година го прашав како одат работите околу усвојувањето на амандманите на Уставот како обврска која моравме да ја завршиме согласно Преспанскиот Договор за конечно Република Грција да даде зелено светло за влезот во НАТО, а тој ми рече “Еве преговарам со пратениците за поддршка, тешко е, многу тешко оди, ако не успееме со гласањето завршувам со политиката, си одам, премногу ставивме се на оваа карта“, ми делуваше навистина спремен да замине до колку ова не се заврши.

Кога сето тоа се заврши и беше веќе јасно дека патот кон една Европска перспектива ни се отвора широко пред нас, беше среќен како мало дете и не го криеше тоа пред никој, на сите им го кажуваше баш со тие зборови “Јас сум многу среќен“.

Можеме сега безброј анализи да правиме и многу причини да бараме за неговата оставка и од сите тие анализи од се по нешто е точно, но многу работи не беа баш така. Од тоа што не беше така е фактот дека никогаш не се држел за функција по секоја цена како што го мислат тоа некои трети, а го прават тоа вообичаено некои други, туку напротив, во секое време беше спремен да замине, само до колку не го исполни она за што се вложуваше многу и она за кое мислеше дека “вредеше“.

Можеме многу маани да му најдеме за некои погрешни политички одлуки, избрзани и брзоплети решенија, за промашени кадровски политики, но една работа ќе остане засекогаш запаметена во нашата историја,  тоа е неговата улога што ја одигра за оваа земја со влезот во НАТО  и отворањето на европската перспектива, а особено со тоа што драматично се зајакна нашиот углед, моќ и безбедност во меѓународни рамки, да седиме на иста маса и да бидеме рамо до рамо со најсилните и најмоќните, баш во тоа друштво, е тоа не е мала работа за “малата“ Македонија.

Тоа го направи со само 49 пратеници, замислете!  Да, толку е бројката, толку му дадоа македонските граѓани а бараат “чуда и врагови“ од него, да се справува со милион работи, епа тешко е. Тешко е со сите тие коалиции и суети да се справите и сите жаби да ги голтнете навистина е тешко и понекогаш и го разбирам зошто си заминува, на човек му доаѓа преку глава од се, па си го поставуваш сам она прашање, вредеше ли сето ова? Да точно е, толку му дадоа граѓаните четириесетина пратеници и ништо повеќе.

Тој остана за жал неразбран од голем дел од Македонците кои утепани од онаа пропаганда на лажните и неуморни патриоти 24/7, не беа ниту свесни ниту спремни да разберат што значи за една мала Македонија ова што се направи, ги слушаа нив, истите оние кои им ветуваа дека нема да прифатат ниту ново име ниту презиме, за да веднаш после два три дена на власт во општините ни соопштат дека Преспанскиот договор бил завршена работа, како бе така. Поинаку везевте.

Така ќе биде исто и за спорот со Бугарија, ќе галамат, ќе врескаат, ќе печалат гласови и после ќе им кажат на гласачите деке ете завршена била работата а они останале патриоти, веќе видено по кој знае кој пат. Зоран Заев не беше разбран ниту од голем дел од Албанскиот фактор. Концептот “Едно општество за сите“ некои од нив не сите, го изгазија под нозе со некои примитивни барања од минатиот век, иритирајќи ги притоа Македонците  и со тоа многу гласови отидоа неповратно кај “патриотите“, да точно е тие им помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ, сите Албански партии повеќе или помалку, топ тан заедно придонесоа за тоа, сите тие имаа некои свои математики против Зоран Заев, а токму тој концепт “Едно општество за сите“ највеќе се однесуваше на нив.

Но едно сепак ќе остане факт, дека никогаш порано не сме имале подобри и порелаксирани меѓуетнички односи, сетете само како беше порано. Знаете, може сега безброј работи да кажуваме и за многу работи да му замериме ама ова се факти, другото е мислам приказни. Му се лутев понекогаш и често пишував за тоа дека треба да го следи оној “Макијавелистички“ пристап во политиката и да разбере дека не треба сите да го сакаат туку треба да му се плашат, ова особено се однесува на неговите, ама тој не можеше да го спроведе тоа, не беше така “устроен“, сакаше со сите да остане другар, тоа во политиката не е можно. Беше премногу мек и демократски настроен, впрочем во СДСМ тоа е поинаку од другите партии, знаеше понекогаш ова да го каже. Да, точно е, концептите на функционирање на нашите две најголеми партии се сосема различни.

Сум пишувал многу пати до сега дека СДСМ е сепак демократска партија, се разбира за наши македонски стандарди, додека ВМРО-ДПМНЕ е војнички устроена партија со еден авторитарен принцип на владеење. Во СДСМ не му се плашат на “шефот“, во ВМРО-ДПМНЕ страв во коски имаат од шефот, тоа е разликата. За ВМРО-ДПМНЕ изборите се борба на живот и смрт затоа што таму голем дел од членовите и раководството немаат свои професии, партијата им е професија, таа им дава и таа им зема,  спремни се да гинат за неа, за разлика од нив во СДСМ се однесуваат полабаво, па дури и да изгубат големо чудо, тоа е.

Но што и да кажеме можеби никогаш до крај нема да ни биде разјаснето заминувањето на Зоран Заев, мислам дека има од се по нешто, разочараност од изборниот резултат, од тоа што сопствениот народ не го разбира доволно, незадоволство од многу поединци во своите редови, едно огромно неверување во она што ни го приредува нашиот сосед Република Бугарија како и немоќта на меѓународната заедница да се справи со тоа а сепак многу ни вети и многу вложивме, сето тоа собрано на куп, епа ќе си речете доста е, нека иде све во мајчината! Сепак и покрај се не се согласувам со неговата одлука да замине, мислам дека беше многу солиден премиер кој носеше тешки одлуки, но сепак ова е само негова одлука и треба да се почитува, друго нема.

Но што е тука е. Во недела на 12 декември СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ  избираат свои претседатели. Кај ВМРО-ДПМНЕ колку што гледаме еден е изборот друг кандидат нема, џабе пред само неколку месеци се потсмеваа на изборот на Зоран Заев дека бил само тој кандидат, еве сега и кај нив е исто ама никој не ги коментира. Кај СДСМ имаме понуда од тројца кандидати и веројатно таму се избира и новиот премиер.

Од пријавените кандидати може да се каже дека сите се квалитетни но мене за претседател на СДСМ најголем впечаток ми остава Димитар Ковачевски. Не затоа што е кандидат на претседателот во заминување, јас Димитар и не го познавам во некој политички или професионален контекст, го познавам онака во приватен контекст од многу поодамна, се работи за еден обичен и хиперактивен човек, пред се фамилијарен и народен човек, вреден и работлив со добра биографија и токму тоа е мислам онаа предност која ја има пред другите, затоа мислам дека членовите на СДСМ треба да застанат зад Димитар Ковачевски, тоа ќе биде сепак добро решение и вистински избор за предизвиците кои претстојат во наредниот период.

Да сте живи и здрави, се гледаме се слушаме.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close