Здравствената ситуација со Ковид-19 е стабилна, Комисијата за заразни болести препорачува мерките да останат исти

– Комисијата за заразни болести вели дека здравствената ситуација со Ковид-19 е стабилна, но ризикот не е намален. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 302 случаи, а  Комисијата на вчерашниот состанок  остана на ставот дека мерките за заштита од вирусот треба да останат исти.

Комисијата за заразни болести препорача работата во државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да продолжи да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите и да не се менува работното време на угостителските објекти и тие да продолжат да работат до 21 часот.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера првпат оствари средба со новоназначениот амбасадор на Јапонија, Хиронори Савада на која дискутираа  за актуелната ситуација со пандемијата со Ковид-19 во државава и во Јапонија, за долгогодишната успешна соработка меѓу двете држави, како и за потпишувањето на договорот меѓу Амбасадата на Јапонија и Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби на 4 февруари.

Според вчерашната статистика на Министерството за здравство, во претходното деноноќие се направени 2024 тестирања при што се регистрирани 302 нови случаи на Ковид-19, починати се десет лица, а 444 пациенти оздравеле.

Вкупниот број на позитивни и суспектни пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците  во државата е 599, од кои 254 пациенти се лекуваат во Скопје. Во моментов, на територијата на цела држава во ковид-центрите има 560 празни кревети. Сите клинички одделенија располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, а доколку е потребно Министерството за здравство дополнително ќе ги прошири одделенијата.

Од почетокот на пандемијата до денес, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 92 193  лица позитивни на коронавирусот, од нив оздравени се 80 837 лица, а починати се 2 841 лице.  Во моментов бројот на активни случаи изнесува 8 515.

Back to top button
Close