Зеленски следната недела ќе се сретне со Бајден, Харис и Трамп во САД

Американскиот претседател Џо Бајден следната недела ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, соопшти денеска администрацијата во Вашингтон.

Зеленски планира да се сретне со Бајден следната недела в четврток, а ќе има и одвоени разговори со американската потпретседателка и кандидатка за претседател на демократите Камала Харис, се вели во соопштението.

Зеленски неодамна ја навести можноста повторно да се сретне со Бајден во Вашингтон и најави дека на американскиот претседател ќе му го претстави својот план за победа во војната против Русија.

Канцеларијата на Зеленски, исто така, денеска официјално соопшти за планираното патување во САД.

Зеленски прво треба да се обрати на Генералното собрание на ОН во Њујорк и да разговара на маргините на настанот.

Покрај средбата со Бајден и Харис во Вашингтон, се очекува тој да се сретне и со членовите на Конгресот, како и со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој ќе се соочи со Харис на изборите на 5 ноември.

Детали за планираната средба со Трамп засега нема.

Зеленски, исто така, сака да се сретне со претставници на американските производители на оружје и енергетски фирми, се вели во соопштението, пренесува ДПА.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close