Зеленски во Белград – почна тет-а-тет средбата со Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски, по што двајцата лидери заминаа на тет-а-тет средба

Зеленски, кој вчера пристигна во Белград, со највисоки државни почести беше пречекан од српскиот претседател Вучиќ. Пред Палатата „Србија“ беа интонирани химните на двете земји, а двајцата претседатели извршија смотра на почесната гарда.

 

По официјалната церемонија стартуваше разговорот меѓу Вучиќ и Зеленски, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.

 

 

Зеленски и Вучиќ во Белград, фото: EPA/ANDREJ CUKIC

По тет-а-тет средбата се предвидени и разговори на делегациите на Србија и Украина, предводени од двајцата претседатели.

 

Во рамките на посетата се очекува потпишување Меморандум за разбирање меѓу српското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државната служба на Украина за безбедност на храната и заштита на потрошувачите.

 

Документот се однесува на соработката во областа на здравјето на животните и безбедноста на храната, а неговото потпишување е предвидено во присуство на Вучиќ и Зеленски.

Посетата на Зеленски на Белград, која е прва откако тој е на чело на Украина, и разговорите со српскиот претседател се во фокусот на јавноста поради блиските релации на Србија со Русија – владата предводена од СНС на Александар Вучиќ не се приклучи кон санкциите што ЕУ ги наметна на Москва по стартот на инвазијата врз Украина.

Back to top button
Close