Зголемено присуство на мечки во Маврово и Ростуше, Општината бара да се прогласи кризна состојба
Општина Маврово и Ростуше бара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори.
Во писмениот допис до Владата, од Општината посочуваат дека мечките, кои според податоците на Националниот парк „Маврово“, се околу 160-180 на број на оваа територија, предизвикуваат големи материјални штети особено на пчеларите, сточарите, земјоделците, како и на домовите на жителите на општината за што, како што додаваат, е повеќепати пријавувано до надлежните.
Посочуваат оти зголеменото присуство на мечките е животозагрозувачко по граѓаните и бараат од Владата да предложи конкретни мерки и активности за решавање на настанатата ситуација.
„Општина Маврово и Ростуше ги презеде сите активности и мерки кои се во своја надлежност, сè со цел да ги заштити своите граѓани. Одржани се состаноци со месните заедници на сите населени места во Општина Маврово и Ростуше, полициските одделенија во Ростуше и Маврово, граничните полициски станици во Жировница и Стрезимир, ЈУНП Маврово, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство водостопанство и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање“,велат од Општината.
Дополнително, од Општината ги повикуваат надлежните министерства, Националниот парк „Маврово“, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и другите надлежни институции да се стават во функција за што поскоро решавање на проблемот, со цел враќање на безбедноста на граѓаните.