Жална Македонија

Повод за денешната колумна е интервјуто на Претседателот Пендаровски, гостин во емисијата „Самоинтервју” на телевизија Канал-5, емитувана на 21 декември 2023 година.

Интервјуто на господинот Пендаровски беше последната капка во веќе прелеаната чаша, што се вика Република Македонија.

За жал, аферите, криминалот , корупцијата и дилетантизмот се реалните обележја на без малку изминатата 2023 година.

Државниот систем во сите сегменти потфрли, односно не е функционален, почнувајќи од Собрание на РМ, Влада на РМ, судство, обвинителство и речиси целиот систем.

Аферите, каде што е вмешан криминалот и корупцијата, ја тресат Македонија цела година.

Договорот со Бехтел –Енка, за изградба на коридорот 8 и 10, како најголема капитална инвестиција во РМ и денес е далеку од очите на јавноста. Овој договор го ставам на отстрел како коруптивен, поради фактот што граѓаните, кои ќе ја плаќаат оваа инвестиција, немаат поим како ќе се гради, колку ќе чини и каков квалитет ќе испорача.

Аферите во здравството, особено на Онкологија сѐ уште ја тресат македонската јавност. Најновата афера со Чебрен уште повеќе ја згрози јавноста со каква леснотија, за ситни интереси, се продава националното богатство.

Владата предводена од Ковачевски во целата 2023 година не испорача ништо добро на граѓаните на Република Македонија. Напротив, дозволи во нејзините пазуви криминалот и корупцијата да имаат невидена заштита. Тој од петтни жили се потруди и успеа да ги протне измените во Кривичниот законик, со што даде законска гаранција на недопирливост на поединци, замешани во криминал и корупција.

Тажно е што граѓаните на Република Македонија, па во случајот и опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, криминалот и корупцијата ги сметаат како нешто веќе имплементирано во нашето секојдневие.

Како што споменав, на крајот од оваа календарска година со внимание го следев интервјуто на претседателот Пендаровски.

Од целото интервју разбрав уште една работа, а таа е дека актуелниот претседател сѐ уште не ја знае вистинската улога на функцијата ,,претседател во Република Македонија, согласно нашиот устав и државен поредок”. Добив впечаток дека функцијата ,,претседател” тој ја третира како функција која ете така, треба да се одработи, без визија и обврска кои тој како претседател треба да ги испорача на граѓаните и државата.

Во интервјуто ги осудуваше криминалот и корупцијата, а не е свесен дека и тој е соучесник во криминалот и корупцијата, токму преку брзото потпишување на указот за имплементирање на измените на Кривичниот законик.

Начинот на кој го водеше разговорот со новинарот Гоце Михајловски, повеќе ми наликуваше како разговор пред колонијална продавница за пиво, каде љубителите на пиво, седнати на гајби, „бистрат” политика.

Се прашувам, како може Претседател на држава да предложи и сугерира, црната листа од САД, која што ги засега нашите сограѓани, да се имплементира со закон во нашиот систем?

2 / 2

Господине Пендаровски, претседател сте на независна држава, а предлагате функционирањето на државата да се стави под контрола на други држави!

Уште повеќе ме разочара и другиот одговор, на поставено прашање од неговиот домаќин, „со што може да биде задоволен од неговото 5 годишно водење на државата”. Неверојатно, но тој е горд што како претседател на држава помогнал на хендикепирано дете од Гостивар и дека многу време посветувал на оваа загрозена категорија граѓани!

Секако дека гестот е човечен, доликува на секој хуман граѓанин, но господине Пендаровски сте помогнале на 15 хендикепирани деца, но несвесно трошите огромни средства од буџетот на Република Македонија од каде треба да испорачате материјални добра на граѓаните и државата. Со средствата, кои вие како претседател заедно со вашиот кабинет и соработници ги добивате од буџетот, во Македонија од тие средства ќе се обезбедат најубави услови во свет, за грижа на сите хендикепирани деца во земјата, доколку тие средства се усмерат за оваа намена.

Вашата функција е да ја градите државата и да бидете нејзин „татко„ и симбол на единство меѓу граѓаните .

Почитувани читатели, се наближуваат Претседателски и Парламентарни избори и уморен сум од практикување на изборните циклуси како казнување на одреден политички субјект. Сакам да видам вистински промени кои можат да ги направат луѓе со знаење, искуство, интегритет и кредибилитет. Во целиот државен систем треба да влезат луѓе кои во себе имаат вградено стручност и лојалност кон државата. Убеден сум дека оваа 2023 година е најлошата година за Република Македонија и нејзините граѓани, почнувајќи од далечната 1945 година. Криминалот и корупцијата се имплементирани во врвот на државната структура. Без логистичка подршка на државниот систем, тој не може да опстои во нашето секојдневие.

Обвинителството и судството, со право нападнати од целата јавност на Република Македонија, се само нус производ од владетелите кои ја водат државата.

Доколку сакаме добро за нас, нашите семејства и нашите сограѓани, мора да го промениме нашиот однос кон луѓето кои ја водат државата, да бараме политичките субјекти да ни го испорачаат тоа што ни треба. Лажните ветувања на сите изборни циклуси нѐ донесоа до степен на непрепознавање на државата и граѓани во неа.

Завршувам со изјавата на претседателот Пендаровски: „сила бога не моли”, на што би додал” ,,да не дозволиме Бог да ни суди”! Токму тука е клучот на успешна држава која треба да го води сопствениот народ во сигурна егзистенција и иднина.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close