Желботека

Некои компании се однесувале неморално, неетички и некоректно и манипулирале со зголемувањето на цените откако на 31 мај престанаа да важат антикризните мерки и се вратија данокот од 5% на основните прехранбени продукти и акцизите на горивата, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. Ма, дали е можно? Што збориш? Како го откри ова вицепремиерот за економски прашања три дена по завршувањето на антикризните мерки? Да не му се јави премиерот Димитар Ковачевски од многу важниот форум во Словачка, шокиран од вакви непредвидливи последици по враќањето на ДДВ-то и акцизата на редовната стапка?

Битиќи најави дека сега Владата очекува извештај од инспекциските служби со мерки што ќе ги преземале. Ќе ни ги кажат ли кои се манипулаторите кога ќе ги откријат? Што имаме од анализите што допрва ќе ги прави Владата ние како граѓани, кои сме паднале на манипулацијата на „неетичките, некоректните и неморални трговци“ па сме пазареле и 20 % поскап зејтин, брашно, млеко? Нам секако нема да ни ги вратат парите. Па и да ги казнат манипулаторите, пак тие пари од казните ќе одат да се покријат барањата во државниот сектор за поголема плата.

Оваа година 31 мај за Владата дојде некако ненајавено, неочекувано. На 3 јуни се изненади дека 31 мај поминал. Тој ден имала седница, ама на министрите не им текнало дека на полноќ истекува рокот за нивните антикризни мерки и се одмрзнуваат цените. Ај што не предвиделе што ќе се случи, туку не ни виделе што им се случува. Не поминале покрај ниту една бензинска пумпа.

И ај сега, ќе им се чудиме на тие со џиповите што изгубија два саата од животот за да заштедат 500 денари. А нема да ѝ се чудиме на Владата што три дена откако се направи хистерија со цените допрва ни кажува дека има план. Па на крај сме со нервите бре, луѓе. Кај две години со ковид криза преживуваме, кај војна во Европа нѐ загрозува, кај бугарско вето ни ја блокира иднината, најмалку што очекуваш е барем премиерот да одржи една прес-конференција да каже што му е планот пред да истечат антикризните мерки. Да помислиме дека сочувствува со нашата загриженост како ќе се тера живеачката во кризава. Летото брзо ќе помине. Да не се изненади Владата кога ненајавено ќе дојде есента. Наместо да се обраќа по форуми низ Европа, премиерот требаше да ни се обрати нам. А не – ќе си снимам јас интервју за телевизија, ќе го објават дур не сум тука и ќе си пишам нешто на Фејсбукс. Ионака сите дремете на Фејсбук, читајте дека имам план.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК мк

Back to top button
Close