Знам дека си ти кога викам алооо…

Фатил цајкан златна рипка. „Ќе ти исполнам три желби, ако ме пуштиш“, му рекла рипката. И ја пуштил.

Вицовите за (не)интелигенцијата на полицајците се еден од најстарите стереотипи во многу култури. Но, прикаската за прилепските џандари, што се обидува на предизборната јавност да ѝ ја „продаде“ ВМРО-ДПМНЕ последниве денови, дека десетици припадници на тамошната полиција, на чело со локалните началници и командири на полициски станици, се организирале во ВИБЕР група (?!) за, во корист на власта, да вршат притисок врз гласачите со сопирање автомобили по улиците, навистина делува како врвна глупост – од тие што ја објавија! Арно што не му текнало на полковникот Драган Ковачки на партиската прес-конференција да ја облече и офицерската униформа на АРМ, за да делува што поуверливо и поавторитетно…

На локалниве избори, ВМРО-ДПМНЕ оствари уверлива победа во Прилеп. Нивниот кандидат Борче Јовчески го „прегази“ СДСМ уште во првиот круг, со освоени 55% од гласовите, со 7-8.000 гласа разлика од противничкиот кандидат Горан Сугарески. Што им треба да го девалвираат тој успех со вакви наивни полициски сказни?!

МВР излезе со податок дека на денот на изборите во Прилеп ниту едно возило не е испратено на вонреден технички преглед и дека, дури, ни една казна не е „пишана“ за непрописни возења. И тоа е практика што загрижува, а говори за тоа дека полицијата, навистина, има „политички“ резон во делувањето за време на избори, ама во спротивна насока од оваа за којашто сериозно се обвинува: дека е партиски злоупотребена од сегашната власт како механизам за притисок врз гласачите!

Разузнавачко-безбедносниот полусвет собран по изборните штабови на нашите партии доживеа спектакуларен политички пораз токму во ВМРО-ДПМНЕ откако – потврдено и со правосилни судски пресуди – се открија мамутските размери на злоупотребата на безбедносните структури во нивното владеење со државата. Резултатот од тоа и формално го знаеме, бидејќи половина од тој состав е во затвор, другата половина е во бегство во странство – и тоа нашата опозиција е решена НИКОГАШ да не му го заборави на ова раководство на СДСМ! Толку убаво им одеше владеењето, додека не ги раскринкаа…

Затоа, преостанатата „трета половина“ од безбедносното подземје кај вмровците – оние околу поранешниот претседател Иванов, да речеме, не ги ни чепнаа – си ја продолжува политикантската практика да создава политички смутови со произведување „доверливи“ афери и скандали за забава на јавноста. Тие содржини секогаш привлекуваат внимание. Фејсбук е преполн со заговори и шпекулации, а и со „извори“, со најфантастични содржини. Една таква вест со сериозно предупредување за наводна вооружена група која би пукала по избирачки места, ни помалку ни повеќе, на денот на првиот круг на гласање лиферуваше и Американската амбасада во Скопје, за да се испостави дека, наводно, и тие биле изманипулирани со алармантни „доверливи дојави“ од една овдешна политичка партија… Нејсе.

колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close