ЗНМ бара итна истрага за запаленото возило на дописничката на СДК.МК
ЗНМ бара итна истрага за запаленото возило на дописничката на СДК.МК. Според првичните информации, велат од ЗНМ, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро го осуди инцидентот во кој беше запалено возилото на новинарката на САКАМДАКАЖАМ.МК, Сузана Вренцовска, во Охрид.
Возилото било запалено вчера, 5 јануари 2025 година, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано.
Според првичните информации, велат од ЗНМ, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт.
„Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, велат од ЗНМ.
Од таму го повикуваат Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.
„Ги повикуваме надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани. Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија.