60–те или „Ужас је моја фурка“
Полниш 65 и стануваш официјално „стар прдеж“ (old fart). Малку се сепнуваш кога ти стануваат во јавен транспорт, но престануваш да се шокираш, ниту се опираш. Всушност ја прегрнуваш ситуацијата и ја разгледуваш однатре, се изненадуваш со опциите.
Велат дека декадата од 50-60 е најтешка за мажите бидејќи емоцијално и физички е вистински транзициска. Си исчекорил од едниот, а не си дозапишан во „другиот клуб“ и немаш баш став што се случува со „одговорната личност“ каков си се восприемал, а и “одозгора на тога” ти се наметнуваат сумаруми за тоа што си постигнал во животот! Ебана траума.
Но се изненадуваш колку отрезнувачка траумата може да биде. Има нешто ослободувачко во возраста во која зачекоруваш. Не поставуваш нови цели, не поставуваш кота која треба да ја постигнеш ниту правиш сумаруми дали си имал „исполнет живот“. Малку хинду треска: светот нека биде како што е…и ништо веќе не е како било, заедно во едно. Ебеш депресија, клише е тоа.
Децата си ги гледаш како одат по својот пат и не мислиш дали доволно си им дал и нешто уште недостасува. Ги сакаш секако и се ослободуваш полека од сета своја „сопственост“, имено се доведуваш во лебдечка состојба, колку да се преживува.Ќе се изненадиш како се отвораат нови интимни простори и теми, прилично креативни би рекол, кои биле потиснати од твојата „одговорност“ да одржиш социјален живот кој полека те става на маргините – таму не си повеќе потребен. Таа машина работи без тебе. И така треба. Немајќи нови цели секое постигање е ПЛУС, има некоја прекрасна ослободувачка нота во тоа. Својата медиска острина и борба со глупоста, нецивилноста, политиката, луѓето – некако ги повлекуваш во борба во внатрешната своја географија на емоции. Таа удира, треска однатре и те одржува остар, но не и експлицитен секогаш. Не со бориш на јавна сцена за каузата на сенештото туку стануваш кауза суа, кауза за-себе.
Можеш да пишуваш, тоа не може никој да ти го одземе, ако сакаш и ако имаш идеја што.Тука се држиш до начелото на Ч.Буковски: “Нема зијан од пишување ако можеш и знаеш. Ќе те стори очи во очи со смртта. Ќе се чувствуваш како тигар, ќе те слават во Пеколот. Биди кловн на темнината. Тоа е среќата на пишаниот збор. Тоа е чудо, чудо.‚‚
Доколку работите тргнат наопаку – нека биде така и така се битисувало доволно долго и направила непрегледна историја на присутности и „постигања“, за два живота можеби.
Возраста во која влегуваш ти овозможува да се вратиш со доволна неодговорност кон некои идеи од младоста. Без неподносливиот товар на одговорноста на 30-40-50-тите кога градиш нешто, некој социјален и приватен паноптикум. И тоа не е криза на возраста туку можност на возраста, шанса на возраста со сета своја фрагилност и ризик на телото. Таа таква и треба да биде.
Сега кога си официјално „стар прдеж“ можеш да си недозреан колку сакаш само треба да имаш храброст за тоа. Тоа не храброст на Јованка Орлеанка туку само треба да научиш да си ги собереш парчињата на кои си се распаднал и да не дигаш џева околу тоа.
Љубомир Д. Фрчкоски
09.01.2023
Њујорк