Албанија: Во ноември брзо влошување на состојбата со Ковид-19, просечно по 10 починати дневно
Во Албанија, во ноември забележано е брзо влошување на состојбата со пандемијата со Ковид-19, со голем број жртви и уште поголем раст на новите случаи.
-Официјалните податоци покажуваат дека 304 луѓе го загубиле животот, со што дневниот просек во овој месец е 10 смртни случаи. Ноемвриските бројки учествуваат со 58 проценти во вкупниот број починати од март до сега. Во споредба со октомври има 174 смртни случаи повеќе што е зголемување за 134 проценти, наведува во анализата Гласот на Америка, редакција на албански јазик.
Податоците исто така покажуваат дека бројот на заболени се зголемил за 17.812 заразени или 84 проценти од вкупно регистрираните случаи од почетокот на пандемијата. Во споредба со октомври, има повеќе од 10.400 случаи или 140 отсто повеќе. Во ноември, дневниот просек се зголемил на 593,7 заразени, во споредба со 238 дневни инфекции во октомври.
Во ноември бројот на ново заразените е во постојан раст. Дури и во последниот ден од месецот забележана е една од највисоките бројки 832 случаи од нив 430 во Тирана, која и понатаму останува главно жариште на болеста.
Зголемувањето на бројот на заразените во најголем дел се должи на зголемувањето на тестовите за дури 75 отсто во споредба со октомври. Вкупно 65.928 тестови биле направени во ноември при што дневниот просек достигна 2.197 тестови, во споредба со 1.214 колку што бил просекот во октомври. Тестовите направени во споменатиот месец претставуваат нешто повеќе од половина од вкупно направените од почетокот на пандемијата.
-Но, зголемувањето на новите случаи не се објаснува само со зголемувањето на тестирањата. Тие се показател на влошената состојба. За тоа сведочи просечната позитивност, која достигна 27 проценти во ноември, од 19,6 проценти претходниот месец. Позитивноста (односот помеѓу тестовите и потврдените случаи) е индикатор за пренесување на вирусот во заедницата. Во текот на ноември, позитивноста достигнала 30,3 проценти минатата недела. Додека последниот ден 38,2 проценти, стои во анализата.
Влошената состојба се потврдува и со двојно повисокиот број на активни случаи или 18.808 лица но и значителното зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти. Ако на крајот на октомври биле пријавени 293 пациенти, податоците од последните 24 часа на ноември покажуваат дека во болниците има 506 пациенти во болниците.